Се претера и со „српскиот свет“ во Македонија – Цуле Покорни од СДСМ пишува соопштенија за Манасије Српски од ВМРО-ДПМНЕ

Чудно, зошто во секое соопштение на СДСМ мора да се хејта Вучиќ, да се хејтаат „ќаците“, да се хејта сè што е српско во Македонија и поради тоа маркирано како блиско до режимот во Белград? За кого ли се наменети соопштенијата на СДСМ? За студентите и за опозицијата во Белград? За српската јавност? За релативно малубројната српска етничка заедница во Македонија? Можеби за Заев, за Јелена од Горни Милановац, или за некојси Колашинац? Кој е авторот? По долготрајните обвинувања на СДСМ дека ВМРО-ДПМНЕ ја води Македонија во „српскиот свет“, партијата на власт реши да возврати жестоко, со потсетување на познатите врски на кланот Дубаи (Заеви) со луѓе и фирми кои директно се поврзуваат со поширокиот регион Западен Балкан. Нема сомнение дека во тој регион доминираат политички, бизнис и крими интереси, кои, условно кажано, можат да се означат како „српски“. Велам условно кажано, бидејќи општо е познато дека светот на корупцијата и криминалот не признава етнички меѓи и во таа смисла, во тој свет секогаш владеел и ќе владее космополитизам. Што кажа Манасиевски што го вознемири СДСМ? На последната прес-конференција на членот на ЦК на ВМРО-ДПМНЕ Валентин Манасиевски, можевме да слушнеме видео-запис од интервју на контроверзниот Тома Аврамски, поранешен соработник и познаник на Зоран Заев. Благодарение на интервјутите кај Васко Ефтов (кој упорно и екслузивно објавува сведоштва на вакви типчиња), Тома Аврамски ѝ стана познат на македонската јавност. Е тој Тома, кој самиот си припишува длабоки врски со криминалното и со политичкото подземје во регионот, вели дека бил во Дубаи и ја посетил зградата од 42 ката, којашто наводно ја гради Зоран Заев. Тој додава дека и Венко Филипче има стан во Дубаи. А Манасиевски прашува дали сето тоа е точно. ВМРО-ДПМНЕ поставува уште едно непријатно прашање за СДСМ: каква е врската на Вице Заев со Енко Колашинац? За тие што не знаат, Енис (Енко) Колашинац е сопственик и газда на компанијата „Зобек Мининг Груп“ од Скопје и работи, меѓу другото, со увоз и снабдување со јаглен. „Зобек “ добил големи државни договори за снабдување со јаглен за потребите на ЕСМ во 2023 и во 2024 година, при што цената по тон била значително повисока од реалната набавна цена на јагленот од Грција. Тоа упатува на сериозни сомнежи за корупција. Капак на тоа е и фактот дека возилото „ауди“, што го користеше едно време Венко Филипче, било земено на лизинг токму од страна на фирмата на Колашинац. Доста ни е од соопштенија – време е за истраги! Пред да го прокоментирам комичното возвратно соопштение на СДСМ, на тој интересен и многу симптоматичен атак врз Манасиевски, сакам да упатам јавна и остра критика до ВМРО-ДПМНЕ, до Владата и до органите на кривичниот прогон: Господо, доста ни е од пресови и од соопштенија! Сите тие приказни се интересни за слушање и за читање, баш како и приказната за Јелена од Горни Милановац, првата голема љубов на Заев од „српскиот свет“. Ама, веќе ни збогтиса од приказни. Крајно време е основаноста на сомнежите за корупција и за сериозен криминал да се потврдат со истраги, а потоа да видиме обвиненија и судски процеси. Оние приказни што нема да го поминат тој „филтер“, во легална и строга кривично-правна процедура, треба да се заборават. Не дека е забрането да се раскажуваат, но мора да сме свесни дека тие ги засилуваат шпекулациите дека во Македонија битката против криминалот и корупцијата се води само вербално, со млатење празна слама, додека партиските лидери си се дружат меѓу себе и соработуваат. Дали соопштенијата на СДСМ се дел од „српскиот свет“? Реакцијата на СДСМ на прес-конференцијата на Валентин Манасиевски од ВМРО-ДПМНЕ е приказна за себе. Таа дефинитивно покажува дека нешто интересно и чудно се случува на Бихаќка. Веќе извесно време се забележува комплетна промена на стилот и на тонот со кој СДСМ комуницира со јавноста. Но, тоа не е она најчудното. Најмногу збунуваат референците, асоцијациите и директни коментари во соопштенија на Бихаќка, кои потекнуваат од „српскиот свет“, или се однесуваат на конкретната политичка ситуација во соседна Србија. Сите што имаме професионална обврска да читаме партиски соопштенија, се чудиме зошто е тоа така. Никому не му е јасно зошто СДСМ има потреба толку упорно да ја коментира политичката криза во Србија. Освен ако соопштенијата не ги диктира или креира човек или агенција од тој „српски свет“, која засега не може да се дистанцира од сопствената локална опозициска агенда, од тие силни емоции против режимот на Вучиќ, од тие асоцијации и референци кои малкумина во Македонија ги разбираат. Како може да не се знае што е тоа бот? Разбирам зошто СДСМ во последното соопштение решил Манасиевски да го нарече „бот“. Иако, за волја на вистината, тој термин во случајов не е точен. Ако баш се сакало да се навреди Манасиевски, можело тоа да се стори и со некој друг израз, бидејќи човек кој настапува јавно, со име и со презиме, со својот лик, по дефиниција не е бот. Нека седнат сдсмовци и нека научат што значи изразот бот. Во случајов, Манасиевски е наречен „бот“, за да се каже дека таквите луѓе се плаќаат „евтино“ (што не е точно), со „сендвичи“ (исто така неточно), па народот ги нарекол „сендвичари“ (така може да е само во Србија, но не и во Македонија). Велам, ништо од ова не е точно. Пред сè, ботовите не се луѓе. Некој на штабот на Бихаќка тоа треба да му го објасни. А плаќањето со „сендвичи“ и изразот „седнвичари“ се карактеристични референци на актуелната состојба во Србија. Одамна не сме го слушнале и изразот „ВМРО-Ванчовистичка“. Тој беше популарен во раните 1990-ти години, кога тогашните реформирани комунисти новоформираната ВМРО-ДПМНЕ ја нарекуваа така и ја препознаваа по идеологијата на Ванчо Михајлов. Затоа ја нарекуваа „ванчовистичка“. Од каде овој чуден флеш во меморијата на текстописецот на ова соопштение, оваа реминисценција на периодот пред две ипол децении? „Користим прилику да поздравим Жику“ Соопштението на СДСМ компулзивно се занимава со изгледот на Манасиевски. Авторот нашироко го коментира неговиот стајлинг. Тоа ни открива дека текстописецот на соопштенијата во слободно време најверојатно ги гледа српките реални шоуа „Фарма“ или „Задруга“, или можеби дури и пишува синопсиси и сценарија за нив. Зошто инаку СДСМ би ги коментирал костумите на Манасеисвки, кога еден Венко Флипче, на пример, носи луксузни и скапи вратоврски од брендот „Хермес“, па никој од тоа овде не прави драма?! Таа опседнатост со брендирањето, со луксузирањето и со трендсетерството, е патологија што може да се поврзе со тој „српски свет“. Во Македонија е присутна веројатно само во нејзината карикатурална верзија. Универзален зачин, нешто како „Вегета“, во секоја сдсмовска пи-ар манџа, е спомнувањето на „Алта банка“, која неодамна легално презеде удели во македонска банка и работи легитимно на македонскиот банкарски пазар. Никој за тоа не крева врева, само СДСМ. Аргументи? Нула. „Алта банка“ е спомната и во ова сопоштение, онака без врска – во стилот на онаа српската „користим прилику да поздравим Жику“. Што му значи тоа „Манасије српски“? Поентата на текстописецот на соопштението на СДСМ против Манасиевски е следнава: „Ете уште една нова професија преземена од Белград, од нивниот шеф Вучиќ. Како што стојат работите, наскоро очекуваме ВМРО Ванчовистичка да го додаде и она СНС помеѓу ДПМНЕ“. Па ова навистина е неверојатно! За кого ли се наменети соопштенијата на СДСМ? За студентите и за опозицијата во Белград? За српската јавност? За релативно малубројната српска етничка заедница во Македонија? Можеби за Заев, за Јелена од Горни Милановац, или за некојси Колашинац? И сега, круната на овој необичен „српски дискурс“ во соопштението на кланот Дубаи, лиферувано преку СДСМ . Насловот: „Манасије српски“ – првиот македонски бот. „Манасије српски“?! Оваа фраза и мене ме збуни. Роден сум и израснат во светот кој за мојата генерација беше југословенски, а сега пропагандата го нарекува „српски“. Добро. Мислав дека сум ги исчитал сите поважни романи на српско-хрватски јазик, дека сум ги изгледал сите чудесни југословенски филмови чии реплики некои од нас и денес ги знаат наизуст, дека ги знам сите најважни екс-ју поп и рок хитови. И пак, признавам, до сега немам слушнато за изразот „Манасије српски“. Го прашав ЧатЏПТ дали нешто му значи таа фраза. И види чудо – навистина имало таков израз во српскиот говор, со значење „српски пророк“, „чувар на вистината“ или „самопрогласен духовен авторитет“. Се изговара со иронија или со дистанца: „Еве го пак Манасије српски да ни објасни кои сме и од каде сме“. Какво откровение! А кој е Цуле Покорни? Замислете, некој на Бихаќка – Богданка Кузевска сигурно не е, извини Богданке што сум ти се потсмевал за некои од твоите пресови и соопштенија, ти за овие си Алистер Кемпбел! – да ти знаел една многу ретка фраза, која малку ѝ е позната дури и на српската публика. Но ете, ја знае и ја користи (како наслов) авторот на најновото коминике на СДСМ, чиј стил може да се препознае и во повеќе други претходни соопштенија на Бихаќка. Јас веќе немам дилеми дека авторот на овие чудни творби ни доаѓа од „српскиот свет“, попрецизно од оној негов дел кој се смета за опозициски и се бори против Вучиќ. Во тоа нема ништо лошо, се разбира, освен што не е јасно зошто таа борба се води на македонски терен – зошто во секое соопштение на СДСМ мора да се хејта Вучиќ, да се хејтаат „ќаците“ (голем дел од македонската јавност и не знае кои се тие „ќаци“), да се хејта се што е српско во Македонија и поради тоа маркирано како блиско до режимот во Белград. Многу е интересен емотивниот набој и стилот на овие соопштенија. Тој открива дека авторот е, или можеби само се претставува како обичен, заплашен дури, покорен човек, а сепак итар, со желба да ја подобри општествената реалност, или, можеби, да создаде „едно општество за сите“, што би рекол шефот на кланот Дубаи. Тој дискурс неверојатно потсетува на некогаш популарниот филмски лик Цуле Покорни (го игра маестро Мија Алексиќ), од не многу популарниот српски филм „На место, граѓанине Покорни!“. Симпатичен, таинствен текстописец, којшто нема поим кај се наоѓа И ете го сега Цуле Покорни на Бихаќка. Пишува соопштенија против Вучиќ, против ВМРО-ДПМНЕ, против „Манасије српски“. Пишува и го менува светот. Наумил да ја увезе борбата против режимот во Белград овде во Македонија. По повисока цена од редовната, нормално, бидејќи тука мора да се пресмета и мрсна провизија ала Колашинац. А кој е Цуле Покорни од Бихаќка? Се знае ли? Јас не го знам. Засега. А и не мора да го знаеме фраерот. Не дознавме која е и Јелена од Горни Милановац, па сите ја засакавме ко црпнати. Искрено, мене ми се допаѓа овој чуден текстописец. Толку многу е емотивен, толку е занесен во својата хејтерска агенда, толку многу дава од себе и толку е симпатично тоа што нема поим каде се наоѓа… Ма чудо едно! Бранко героски за Плусинфо