Божиќна порака на белгискиот крал: Мора да работиме за општото добро, дури и ако тоа бара тешки избори

Стремежот кон нашето општо добро мора да остане движечка сила на нашите постапки, дури и ако тоа бара тешки избори, порача белгискиот крал Филип во божиќното обраќање до Белгијците. - Овие денови општото добро се повеќе се става во втор план, па дури и целосно се негира. Наместо тоа, во втор план треба да се стави нашиот сопствен интерес. Треба да бидеме свесни дека грижата за нашето општо добро го зајакнува нашето единство, додаде кралот во снименото видеообраќање. Тој посочи дека белгиските граѓани имаат многу прашања и се загрижен „за нашата иднина“, па ја повика Владата на Белгија да покаже солидарност со оние на кои таа им е најпотребна. Белгиската Влада изминативе месеци е под засилен притисок на синдикатите, кои организираа серија генерални штрајкови и протести незадоволни од владините реформи, кои, според нив, се на штета на работниците, пензионерите и социјално загрозените категории граѓани. Кралот Филип се осврна и на состојбата во Европа, посочувајќи дека во услови кога мирот е „под притисок“, време е сите да покажат солидарност и во рамките на Европската Унија. - Мирот денес е загрозен од брутална желба за моќ, како во Украина. Нашата земја продолжува силно и решително да го поддржува украинскиот народ. Нашата позиција во врска со прашањето за руските средства воопшто не го менува ова, додаде кралот. Токму поради противењето на Белгија, на минатонеделниот Самит на ЕУ не беше усвоен планот за користење на замрзнатите руски средства за поддршка на Украина и наместо тоа европските лидери се договорија потребните финансии да се обезбедат преку заедничко задолжување на Унијата. Во вакви услови, според белгискиот монарх, членките на ЕУ не смеаат да дозволат да бидат поттикнати едни против други. - Заедно, нашите демократии се посилни отколку што тоа понекогаш се мисли, констатира кралот Филип. Тој не ги одмина ни еколошките прашања, апелирајќи меѓународната заедница да остане целосно посветена на заштитата на климата, иако, како што посочи, неодамнешната климатска конференција во Белем „можеби не ги исполни сите очекувања“. Кралот се осврна и на случувањата во Регионот Брисел, каде партиите сè уште не можат да се договорат за формирање на Регионална влада по изборите одржани во јуни минатата година, нагласувајќи дека ваквата состојба покажува недостиг на солидарност од страна на политичарите. Тој апелираше до нив да стават крај на „неразумно долгото траење на процесот за формирање на владата во Брисел“ и ги повика „конечно да постигнат договор“, потенцирајќи дека во вакви услови бриселските граѓани се чувствуваат обесхрабрени и напуштени. Инаку, ова е прво божиќно обраќање на кралот Филип снимено во библиотеката Октогун во замокот „Лакен“, која содржи богата колекција книги, меѓу кои некои датираат уште од периодот пред независност на Белгија во 1830 година. Од стапувањето на белгискиот престол во 2013 година, сите свои досегашни божиќни обраќања кралот Филип ги снимаше во неговиот работен кабинет во „Лакен“.