Трка по суперинтелигенција: Технологија што го менува светот или опасна илузија? Филип Здравески 25.12.2025 / 09:59 Вести Колумнистот на Гардијан, Рафаел Бер, пишува дека ако вештачката интелигенција не им го променила животот на луѓето во 2025 година, тоа сигурно ќе се случи во 2026. Оценува дека еуфоријата околу вештачката интелигенција е надувана со финансии од Силициумската долина, со сериозни економски и геополитички последици. Бер наведува дека OpenAI, компанијата зад ChatGPT, за неколку години стана еден од клучните играчи во глобалната економија, со огромни инвестиции од технолошките гиганти. Извршниот директор Сем Алтман и самиот признава дека делови од индустријата се во меур, додека Џеф Безос вештачката интелигенција ја нарекува „добар вид меур“. Авторот предупредува дека трката за општа вештачка интелигенција меѓу САД и Кина ги засилува геополитичките тензии и ја намалува подготвеноста за глобални правила и контроли. Во отсуство на меѓународно управување, светот, според него, е препуштен на интересите на технолошките корпорации и авторитарни системи. Бер укажува и на ризиците од сегашните модели на вештачка интелигенција, како „халуцинации“, пристрасност и намалување на квалитетот на информациите, предупредувајќи дека „вистинскиот меур не се вреднувањата, туку егото на индустријата“. Заклучува дека се приближува момент кога ќе мора да се одговори на клучното прашање: дали вештачката интелигенција ќе му служи на човештвото – или обратно. AI Автор/Извор Ф.З. Прикажи во метро On