Унитарниот карактер на државата, безбедноста и границите добиваат гаранција со американски печат Претседателката Гордана Силјановска-Давкова завчера го имаше традиционалното новогодишно обраќање пред пратениците во македонското собрание, при што се осврна на трагедијата во Кочани, говореше за евроинтеграциите, реформите во јавната администрација, иселувањето на младите, заштитата на животната средина, борбата против фемицидот и потребата од нулта толеранција кон корупцијата. Иако овој пат во нејзиниот говор не беа во доволна мера опфатени темите што се однесуваа на унитарноста, територијалниот суверенитет, неменувањето на границите, безбедноста и надворешните закани, сепак претседателката се осврна на нив при неодамнешното одбележување на 30-годишнината од основањето на Агенцијата за разузнавање. Токму тогаш низ еден опширен осврт проговори за безбедноста на државата, за надворешните закани, за внатрешните обиди на поединци и групи за генерирање и провоцирање турбулентни состојби, со кои земјата сѐ уште се соочува, сето тоа во ситуација кога на европскиот континент се води војна без назнаки кога би можела да заврши, анализира Сашо Таневски за НОВА МАКЕДОНИЈА . Внатрешните и надворешни деструктивни сили под засилена американска лупа Низ лајтмотивот на нејзините пораки, упатени завчера, но и пред извесно време, може да се констатира дека она што е клучно за Македонија како држава во овој исклучително комплексен геостратешки галиматијас е да се обезбеди унитарниот карактер на земјата како основа за градење јасни и концизни суверенистички политики. Ова особено е важно ако се има предвид идниот американски ангажман во регионот, особено најавите на американскиот претседател Доналд Трамп дека директно ќе ги поддржува оние европски земји што ќе се залагаат за суверенистичкиот пристап и за политиките на неменување на границите. Впрочем, тоа го предвидува и новиот американски Закон за овластување за национална одбрана на САД, кој се спротивставува на сите идеи за менување на границите на Балканот. Илузиите дека Американците ќе се повлечат од регионот и ќе им ги препуштат работите на европските либерални елити се распрснаа како меур од сапуница, а назначувањето нови американски амбасадори само ќе го зацврсти спроведувањето на новата американска доктрина на Балканот, позната како МАГА. Од тие причини секакво внатрешно и надворешно поткопување на унитарниот карактер на Македонија, од внатрешни или од надворешни сили, секое креирање безбедносни кризи и секаква активност што би значела загрозување на државните граници нема да значат ништо друго, освен директна конфронтација со САД. Доста е со обидите за разбивање на унитарниот карактер на државата, импутирање дводомен карактер и за фалсификување уште еден „државотворец“ Подолг период има внатрешни сили во државата, олицетворени во лидерот на ДУИ, Али Ахмети, кои отворено заговараат разбивање на унитарниот карактер на државата, се повикуваат на некакви нови „историски договори“ со кои би се редефинирала земјата, се закануваат по нејзината безбедност преку „улична демократија“, а неговите градоначалници уште претходно најавуваа отцепување на општините и припојување кон соседна држава, што де факто значи менување на границите. Острите тонови од Ахмети не се добро прифатени ниту во неговата матична партија, имајќи го предвид фактот дека дел од интелектуалното крило на интегративците добро знае што порачуваат Американците, а што кажува Ахмети. Во пракса, деструктивните дејства на внатрешните сили секогаш се поддржани со надворешни елементи, кои отворено промовираат поинакво устројство на државата од нејзиниот унитарен карактер. Имено, неодамна албанската министерка за Европа и надворешни работи Елиса Спиропали говореше за два државотворни народа во Македонија, а од ракав го зголеми и процентот на албанското малцинство на 33 отсто, со јасна интенција да ги претстави Албанците во Македонија како државотворен субјект што има право на самоопределување. Со други зборови, нејзините пораки не може да се протолкуваат никако поинаку, освен како отворена атака врз унитарниот карактер на Македонија бидејќи се поддржува сецесионизам, што несомнено ќе доведе до слични аспирации во поширокиот регион, а со тоа и на негова дестабилизација, која на крајот може да кулминира со промена на границите. Слична деструктивна улога извесен период игра и Бугарија, која инсистирајќи на уставните измени, всушност заговара разбивање на унитарниот карактер на Македонија така што ќе инсистира на трет државотворен народ, што целосно ќе го рекомпонира внатрешното уредување на државата, претворајќи ја во нефункционална федерација, чија единствена реална опција на крајот ќе биде да се распадне и делови од нејзината територија да анектираат соседите, откако претходно новокомпонираните „државотворни народи“ ќе одржат референдум за присоединување кон соседните држави. Македонскиот народ во едно такво сценарио ќе остане без матична држава и ќе стане малцинство, со што одново ќе се актуализира нерешеното македонско прашање на Балканот и тоа ќе генерира нови безбедносни ризици и нестабилност. Свесни дека Американците нема да ги дозволат ваквите трендови, некои сили го користат овој вакуум-простор додека не е воспоставена новата американска логистика за да го опипаат пулсот до каде може да одат со новите концесии што ги истакнуваат, иако е повеќе од јасно дека САД сакаат конечен и стабилен мир на Балканот, јасни граници, што е и во нивен интерес. Враќањето на Американците на Балканот попречи многу планови Во разговор со аналитичари, експерти, професори од областа на безбедноста, геостратегијата, дел од нив и добри познавачи на американските регионални политики, ни беше посочено дека враќањето на Американците на Балканот е големо изненадување за некои внатрешни и регионални центри на моќ. – По најавите на поранешниот американски амбасадор во Србија, Кристофер Хил, дека САД биле доволно присутни на Балканот и дека е време земјите сами да си ги решаваат проблемите, некои центри во регионот се окуражија дека ќе можат далеку од очите на официјален Вашингтон да ги спроведуваат на дело своите планови. Но сега одеднаш Трамп им ги замрси конците, најавувајќи не само враќање туку и целосна контрола на она што се случува тука. Американскиот претседател јасно им порача на сите дека нема промена на границите и на унитарниот карактер на државите, притоа најавувајќи дека ќе ги поддржува оние земји што се борат за својот суверенистички пристап и правото да бидат она што се. Тоа на некој начин е добра вест за нас бидејќи нашата борба е да останеме Македонци со свој јазик, со своја историја и култура, без некој да ни го загрозува и оспорува тоа. Дополнително, стабилноста на Балканот на Американците им е особено важна бидејќи од тука полесно можат да почнат со реализација на својата доктрина и пошироко во Европа. Во рамките на ЕУ веќе ја имаат поддршката од Унгарија, Словачка, Чешка, Италија, а бројот на земји само дополнително ќе расте. Несомнено Трамп сака низ целиот свет да ги демонтира тие либерални инсталации, кои и натаму заговараат војни, креираат безбедносни кризи, пропагираат искривени вредности и ја туркаат Европа кон хаос. За нас е важно што тоа подразбира поддршка на унитарноста на државата, па од тие причини заканите на Ахмети веќе никој во оваа држава, вклучително и неговите сопартијци, не ги сфаќа сериозно, туку како штетен наратив што уште повеќе ги дискредитира во очите на нивниот вечен сојузник. Македонија треба да ја следи таа конзистентна политика, да ја зацврстува унитарноста и да работи заеднички со партнерите на безбедноста. Јасен став треба да се има и во поглед на неменување на границите, односно и тука да се застане на американската страна, оти еден преседан лесно води кон нови преседани, што несомнено ќе резултира со тоа работите да излезат од контрола. Никој не го сака тоа – заклучуваат соговорниците. Сашо Таневски за НОВА МАКЕДОНИЈА