Реконструиран кровот на градинката „Пеперутка 1“ во Драчево

Градоначалничката на Општина Кисела Вода, Бети Стаменкоска Трајкоска, денеска беше во работна посета на објектот „Пеперутка 1“, во рамки на ЈДГ „8 Март“ во Драчево, заедно со Ѓоко Велковски, заменик-министер во Министерството за социјална политика, демографија и млади на Република Македонија. При посетата беше извршен увид во реализираните градежни зафати, со кои значително се подобрува безбедноста и квалитетот на престојот во објектот. Имено, целосно е реконструиран кровот на градинката, при што е отстранет азбестниот материјал, кој е прописно и безбедно депониран согласно сите важечки законски и безбедносни стандарди. Дополнително, се менуваат и олуците, а ќе биде поставен и громобран. Во објектот моментално се згрижени вкупно 100 деца, распределени во четири воспитни групи: две групи деца на возраст од 2 до 3 години и две групи деца на возраст од 4 до 5 години. -Позитивниот ран детски развој е темелот врз кој се гради иднината на секое дете, а наша обврска како локална самоуправа е да обезбедиме безбедни, здрави и современи услови и за најмладите, но и за вработените кои секојдневно се грижат за нив. Овој објект и во минатото бил предмет на реконструктивни зафати, а ние ќе продолжиме континуирано да инвестираме во негово унапредување. Подобрувањето на условите во градинките е траен процес и останува висок приоритет во нашата работа. Посебно ме радува добрата соработка со Министерството за социјална политика, демографија и млади и со заменик-министерот Велковски, која очекувам да продолжи и во наредниот период, со заедничка цел, подобра грижа за децата и нивна посигурна иднина- изјави градоначалничката на Општина Кисела Вода Бети Стаменкоска Трајкоска.