Повеќе не мора да се срамите: Google овозможува промена на Gmail адресата без губење на сметката

Повеќе не мора да се срамите: Google овозможува промена на Gmail адресата без губење на сметката Филип Здравески 25.12.2025 / 15:30 Вести Корисниците ќе можат да ја променат својата Gmail адреса, а воедно да зачуваат сè во нивната Google сметка. Нова година, нов ти. Само небото е граница кога станува збор за новогодишните одлуки. И покрај вообичаените цели што си ги поставувате за претстојниот период, сега можете да внесете уште една - промена на вашата Gmail адреса. Да, токму онаа што ја направивте во V одделение и поради која денес се вцрвенувате кога треба да ја дадете некому. И не мислиме на отворање нова сметка. Во документацијата за поддршка што ја забележа 9to5Google, која во моментот на пишување е достапна само на хинди, Google објави голема промена што многумина со години ја посакуваат: можност за промена на @gmail.com адресата без отворање нова сметка на Google. „Е-поштата поврзана со вашата сметка на Google е адресата што ја користите за најавување на услугите на Google. Оваа е-пошта ви помага вам и на другите да ја идентификувате вашата сметка. Доколку сакате, можете да ја промените е-поштата на вашата сметка на Google што завршува со @gmail.com во нова е-пошта што исто така завршува со @gmail.com“, се вели во ажурираната документација. Со други зборови, ќе можете да ја промените Gmail адресата што ја користите за пристап до вашата сметка, а сепак да ги задржите сите слики, видеа и датотеки што ги складирате на Google Photos и Drive. Можеби поважно, сепак ќе имате пристап до сите апликации што некогаш сте ги купиле од Google Play Store. Интересно е што оваа опција им е достапна на корисниците веќе долго време, но само за оние што отвориле сметка на Google користејќи е-пошта од трета страна. Корисниците на @gmail.com адресите беа принудени да отворат нова сметка. Како што се очекуваше, постојат и некои важни ограничувања. Google ќе дозволи избор на нова Gmail адреса само еднаш во 12 месеци, а максимум три пати. Затоа, не донесувајте одлука без претходно добро да размислите. Оваа огромна промена сè уште не е достапна за сите. Не е познато кога ќе биде, но претпоставуваме дека на глобално ниво ќе ја видиме во 2026 година. Google Gmail Автор/Извор Ф.З. Прикажи во метро On