Едногласно усвоен Буџетот на Град Скопје, Ѓорѓиевски најавува преродба Александра Спасеска 25.12.2025 / 18:56 Македонија Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, информира дека Советот на Град Скопје едногласно го усвои Буџетот за 2026 година, без ниту еден глас против, со што, како што вели се поставуваат темелите за силен развоен циклус и финансиска консолидација на градот. Новиот буџет според него претставува јасен доказ дека со ред, визија и одговорна работа се постигнуваат конкретни резултати во интерес на граѓаните и иднината на Скопје. Без ниту еден глас против донесен е Буџетот на Град Скопје, следува преродба на градот, напиша на социјалните мрежи Ѓорѓиевски. „Буџетот за 2026 година е доказ дека кога има ред, визија и работа, ќе има и резултати. Сакам искрено и од срце да се заблагодарам на сите советници кои го поддржаа. Основниот Буџет на Град Скопје изнесува 5.201.600.000 денари, што претставува зголемување од 12,04% во однос на 2025 година. Ова зголемување е резултат на засилена и одговорна наплата на приходите во период од само месец и половина, со што на крајот на годината се очекува пренесен вишок од над 400 милиони денари. Дополнително, обезбедени се 260 милиони денари преку спогодба со Министерството за образование и наука и одлука на Владата на Македонија за студентски превоз за заостанатите години, обврска за која претходната влада на СДСМ немаше слух. Капиталните инвестиции во основниот Буџет изнесуваат 1.787.000.000 денари, или 34,4% од вкупниот буџет. За споредба, во 2025 година капиталните инвестиции изнесувале 1.344.160.000 денари, односно 28,9%“. Ова, како што оценува Ѓорѓиевски, значи повеќе инфраструктурни зафати, повеќе проекти на терен и конкретни, видливи резултати за граѓаните. Нагласува дека образованието е еден од највисоките приоритети. „Преку блок-дотациите од Министерството за образование и наука обезбедуваме средства за нови спортски терени во средните училишта, енергетски ефикасни фасади, нови клупи и столчиња, дополнителна ИТ опрема и подобрени услови за работа и учење. За првпат досега обезбедуваме униформи за сите ученици од прва година, обезбедуваме летен камп за учениците од социјално ранливи категории, како и награди за учениците со исклучителни резултати во спортот и образованието. Буџетот за образование е зголемен за 7,5% во однос на 2025 година, а дополнително се пренесуваат 68 милиони денари вишок од блок-дотациите за изградба на ново училиште, кое ќе биде предвидено со првиот ребаланс на Буџетот за 2026 година. Сериозно се зајакнува и противпожарната заштита. Културата добива силна поддршка со буџет од 159.831.000 денари, што е повеќе од двојно зголемување во однос на 2025 година. Во делот на животната средина предвидени се 56,5 милиони денари, што е речиси двојно повеќе од претходната година. Меѓу капиталните проекти се издвојува изградбата на Луна Парк, кој ќе биде завршен во текот на 2027 година, како и инвестиции од 90 милиони денари за детски катчиња, игралишта, фитнес справи, урбана опрема, паркови и пешачки патеки. Преку развојните програми се инвестира во реконструкција и опремување на културните установи и Зоолошката градина, проширување на капацитетите на ЈП Лајка, заштита и уредување на културното наследство како Скопско Кале, Аквадуктот, Старата чаршија и Скупи, како и изградба на бунари за техничка вода за наводнување“. Скопскиот градоначалник нагласи дека се инвестира и во јавното зеленило со 210 милиони денари, набавка на нови канти и контејнери со 40 милиони денари, како и нови возила за комунална хигиена во износ од 24,2 милиони денари. Потенцира дека патната и сообраќајната инфраструктура е посебен фокус на Буџетот за 2026 година. „Предвидени се средства за изградба и реконструкција на булеварите ,,Македонија”, ,,Љубљанска”, ,,Борис Трајковски”, ,,АСНОМ” и ,,Цветан Димов”, за кружниот тек во Ѓорче Петров, за довршување на Момин Поток по решената експропријација, како и за реконструкција на улиците ,,Фрањо Клуз”, ,,Перо Наков”, ,,Димо Хаџи Димов”, 101 во Волково, ,,Бутелска” и ,,Радишанска”, изградба на улицата ,,Македонско-косовска бригада”, мостот и булеварот ,,Февруарски Поход” и уредување на пристапите и паркинзите кај Матка. Обезбедени се 130 милиони денари за експропријација со цел забрзување на реализацијата на булеварските решенија, како и дополнителни средства за тековно одржување, сообраќајна сигнализација, безбедност во сообраќајот и подготовка на нови сообраќајни проекти во соработка со УНДП. Предвидена е директна поддршка за јавните претпријатија и културните установи со јасна цел за нивно раздолжување и стабилизирање до првата половина на 2027 година. За таа намена се издвојуваат средства за ,,Комунална хигиена”, ,,Паркови и зеленило”, ,,Дрисла”, ,,Лајка” , ,,Улици и патишта”, како и рекордни 920 милиони денари субвенции за ЈСП Скопје“. Град Скопје Орце Ѓорѓиевски Автор/Извор МАКФАКС Прикажи во метро On