Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, соопшти дека денеска имал добар разговор со специјалниот пратеник на претседателот на САД Доналд Трамп, Стив Виткоф, и зетот на Трамп, Џаред Кушнер. - Ви благодарам за конструктивната, интензивна работа и за убавите зборови и божиќните честитки до Украинците. Работиме навистина 24/7 за да се приближиме до крајот на оваа брутална руска војна против Украина и за да ги направиме сите документи и чекори реалистични, ефикасни и сигурни, соопшти Зеленски на Фејсбук. Тој додаде дека „постојат добри идеи кои можат да доведат до заеднички исход и траен мир“, пренесе Укринформ. - Вистинска безбедност, вистинско закрепнување, вистински мир се она што ни е потребно на сите во Украина, во САД, во Европа и кај секој од партнерите кои ни помагаат. Се надевам дека нашите денешни договори и идеите за кои разговаравме ќе бидат корисни, нагласи Зеленски. Тој додаде дека на разговорот присуствувале и секретарот на Советот за национална безбедност и одбрана на Украина, Рустем Умеров, началникот на Генералштабот Андриј Хнатов, министерот за надворешни работи Андриј Сибиха, заменик-министерот за надворешни работи Серхиј Кислица, како и други членови на украинскиот преговарачки тим. - Се договоривме Рустем денеска да разговара со Стив и Џаред. Веруваме дека тоа е правилно – да не изгубиме ниту еден ден и ниту една можност која може да го приближи резултатот. Нека нашиот денешен разговор стане уште еден чекор кон мирот. Исто така, ги замолив момците да ги пренесат нашите честитки до претседателот Трамп и целото семејство Трамп по повод Божиќ. Ви благодарам!, нагласи Зеленски. Зеленски во вторникот го прими извештајот на украинската делегација за резултатите од состаноците со претставниците на претседателот на САД, Доналд Трамп, кога беа подготвени нацрти на неколку документи, наведува Укринформ. Тој потоа изјави дека новиот мировен план од 20 точки е „главната рамка за ставање крај на војната“, наведува украинскиот портал.