„Единствена иницијатива којашто ја имаше вашата партија, беше измислена тема за мигранти и за којашто добивте демант и од македонската влада и од британската амбасада, и од претседателката на републиката, и од политичката партија ВМРО-ДПМНЕ и од премиерот на Република Македонија. И вие наредните 15 дена одлучивте се уште да правите тема на тоа, во Македонија мигранти нема да има“, рече Сергеј Попов, претседател на Унија на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ и пратеник на гостување на телевизија 24 во емисијата „Анализа“. Попов истакна дека СДС седум години владеела низ призмата на национални обезличувања и правење отстапки од националниот интерес на државата, со нула проекти за младите луѓе. „Несериозно е таа политичка партија да е сведена на ова ниво да праќа партиски соопштенија за теми коишто не постојат. Најдете си нова тема, почнете да имате иницијативи коишто на народот можат да му го подобрат секојдневното живеење, гласови и поддршка од народ се привлекува со суштина. Вие кога владеевте 7 години ниту тогаш имавте суштина во вашето владеење, туку владеевте низ призма на национални обезличувања и правење отстапки од нашиот национален интерес, а нула проекти за младите и за граѓаните“, рече Попов. Попов посочи дека СДС со избирањето на нивниот претседател и составот на Извршниот одбор нема да го убедат народот, од причина што сите тие лица биле поврзани со коруптивни скандали. „За некорумпирани кадри со тој претседател којшто го имате и со тој Извршен одбор којшто го избравте многу тешко ќе го убедите народот, најпрвин треба да си изберете раководство коешто не било дел од коруптивни скандали изминатите 7 години, па потоа да се обидете воопшто да ја барате довербата од граѓаните. И доколку толку добро се прославиле во раководењето на институциите во рамки на тие седум години, ќе имавте повеќе од 120.000 гласа и ќе бевте некое место погоре од петта партија во Република Македонија“, дециден е Попов.