Таневски: Дувањето во воени труби е политичко самоубиство за Европа!

Наместо да ги интензивираат напорите за обезбедување траен мир во Украина, бриселските либерални елити го прават спротивното Ниту тоа што полека почнуваат да се наѕираат контурите на идниот мировен план за ставање крај на војната во Украина не е доволна причина европските неолиберални елити да ја смират воената реторика што упорно ја наметнуваат, креирајќи воена психоза пред европските граѓани дека континентот само што не е нападнат. Тоа пред извесно време го кажа и германскиот канцелар Фридрих Мерц, дека Европа треба да се подготвува за војна, а неговиот министер за одбрана Борис Писториус истакна дека веќе поминало последното лето што сме го живееле во мирновременски услови. Слични воинствени изјави во неколку наврати даде и генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, а руската воена закана како постојан лајтмотив се провлекува и во секоја изјава на високата претставничка за безбедност и надворешна политика на Европската Унија, Каја Калас. Сите тие предупредуваат дека мирот е далеку и дека Русија не сака да постигне мир, туку дека само купува време за консолидирање на силите за инвазија врз европскиот континент, анализира Сашо Таневски за НОВА МАКЕДОНИЈА. Европа поттикнува хистерија Неодамна и директорката на Американската национална разузнавачка служба, Тулси Габард, ги обвини европските земји членки на НАТО дека се обидуваат да го вовлечат Вашингтон во директен конфликт со Русија и остро го критикуваше „Ројтерс“ за поттикнување хистерија со цел да ја продаде војната. – Не, ова е лага и пропаганда што „Ројтерс“ свесно ја промовира во име на подбуцнувачите на војната, кои сакаат да ги поткопаат неуморните напори на претседателот Трамп да ја заврши оваа крвава војна што резултираше со повеќе од милион смртни случаи од двете страни – напиша Габард во објава на Икс. Според неа, процените на американските разузнавачки служби покажуваат дека Русија „се стреми да избегне голема војна со НАТО“ и нема капацитет да води таква дури и да сака. Во извештај објавен минатиот петок, „Ројтерс“ напиша дека „Путин има намера да ја освои цела Украина и да ги врати деловите од Европа што ѝ припаѓаа на поранешната советска империја“, повикувајќи се на анонимни извори наводно „запознаени со американските разузнавачки служби“. Кирил Дмитриев, специјален пратеник на рускиот претседател и извршен директор на Рускиот фонд за директни инвестиции, коментирајќи ја изјавата на директорката на Американската национална разузнавачка служба, Тулси Габард, подвлече дека длабоката држава се обидува да предизвика трета светска војна со поттикнување антируска параноја во Европската Унија и Обединетото Кралство. – Директорката на Националното разузнавање, Габард, е одлична не само за документирање на потеклото на руската измама меѓу Обама и Бајден туку сега и за разоткривање на военоподбуцнувачката машинерија на длабоката држава, која се обидува да предизвика трета светска војна со поттикнување антируска параноја низ Велика Британија и ЕУ. Гласовите на разумот се важни – вратете ги разумот, мирот и безбедноста – напиша Дмитриев на Икс. Европската воена реторика може да поттикне спирална ескалација Дел од американските аналитичари и експерти коментираат дека Европа со ваквата воено-пропагандистичка реторика работи на своја штета и уште дополнително се дистанцира од глобалните светски процеси бидејќи повеќе никој не ја смета за сериозен играч. – Изјавите на европските политичари за превентивен удар врз Русија покажуваат дека Европа целосно се дискредитираше како глобален политички играч и го најавуваат своето политичко самоубиство – изјави американскиот воен аналитичар и поранешен разузнавач Скот Ритер на јутјуб-каналот „Дајалог воркс“ (Dialogue Works). Во моментов, шефот на воениот комитет на НАТО (Италијанецот Каво Драгоне) зборува за превентивен удар врз Русија. А САД едноставно избегнуваат такви глупости. Зошто да не разговараме со нив? Бидејќи нема за што да се зборува, рече експертот. Според него, токму поради ваквите пристапи ЕУ е исклучена од процесот на преговори – Москва и Вашингтон едноставно го игнорираат тоа. Според поранешниот разузнавач, Европа целосно се лишила од рационалност и прагматизам, практично отстранувајќи се од големата политика. – Сакате да извршите самоубиство, но Америка не е обврзана да се придружи на вашиот пакт за самоубиство. Тие се идиоти. Европејците само брборат глупости, удвојувајќи ја својата глупост, а Русите и САД само ги игнорираат. А сега, како разгалени деца, удираат по масата уште посилно, обидувајќи се да бидат слушнати. Европа едноставно стана безначајна. Таа повеќе не е сериозен играч – заклучи Ритер. „Фајненшл тајмс“, пак, објавувајќи анализа на Хана Ноте, директорка на Програмата за неширење оружје во Евроазија во центарот за студии за неширење оружје „Џејмс Мартин“, пишува дека оваа воена хистерија што се шири низ Европа е поради погрешните европски процени во минатото. – Судејќи според макотрпните дебати за (и одложувањата на) зголемените трошоци за одбрана во текот на изминатите три и пол години, точно е дека Европа треба да биде шокирана за да дејствува. Но удирањето на тапаните на војната има и стапици. Првата од нив е аналитичка. Фатално погрешиле во своето убедување дека Русија нема да ја нападне Украина во февруари 2022 година, некои Европејци сега се чини дека премногу ја коригираат таа мината грешка во процената, убедувајќи се себеси и другите дека напад врз Европа е неизбежен. Попроблематично е што повикувањето на сеништето на неизбежна војна со Русија би можело да поттикне спирала на ескалација. Европскиот алармизам веќе охрабри растечки хор на руски елити да го рефлектираат истото размислување и во Русија. Тие тврдат дека Европа, повторно вооружувајќи се, се подготвува да води војна против Русија, со цел да ѝ нанесе „стратешки пораз“ на земјата – наведува Ноте во анализата на „Фајненшл тајмс“. Либералните елити ја влечат Европа кон пропаст И некои европски аналитичари го делат сличниот став, дека Европа е непрагматична, особено во критични моменти кога постојат реални шанси да се дојде до мировно решение за Украина. – Контрапродуктивни се изјавите на европските челници во овој момент, кои продолжуваат да ги заплашуваат европските граѓани со војна. Несомнено европските либерални елити го губат тлото под нозете, буквално како да ја подбуцнуваат работата мировните преговори за Украина да не успеат. Европа не смее да се доведе во таков ризик, па наместо да шири воена психоза меѓу граѓаните, треба да се сврти кон проблемите што предизвикаа колапс на европската економија. Можеби немањето решение за овој проблем се крие зад инсистирањето за растот на издвојувањата на европските земји за вооружување, за враќање на воениот рок во некои држави, за рестартирање на воената индустрија за производство на муниција. Како и да е, мировен договор за Украина во скоро време може да стави точка на плановите на либералните елити и натаму да ја злоупотребуваат оваа тема само колку да се одржат на власт заедно со нивните деструктивни политики – констатираат некои европски аналитичари, во најголем дел критички настроени кон актуелното европско водство. Сашо Таневски за НОВА МАКЕДОНИЈА.