Претседателот на Советот на Град Скопје, Даме Димитровски вели дека донесениот буџет за 2026 година е директно исполнување на 9-те темелни политики за развиено Скопје кои ги ветил во кампањата. -Ова е моментот кога ветувањата стануваат реалност. Буџетот на Град Скопје за 2026 година е доказ дека кога има визија и ред, резултатите се неизбежни. Со поддршка од сите советници, ја започнуваме преродбата на нашиот град, вели Димитровски. -Воведуваме вистински „Зелен буџет“. Средствата за животната средина се речиси двојно зголемени. Го откочивме проектот за фотоволтаици во училиштата и инвестираме 210 милиони денари во јавно зеленило. Ова е дел од нашиот одговор на загадувањето. Инфраструктурата е во посебен фокус со 1,7 милијарди денари за капитални инвестиции. Ги реконструираме клучните булевари и улици, но со јасен акцент на безбедноста. Обезбедени се средства за сообраќајна сигнализација и проекти кои ќе ја направат „Визија Нула“ и програмата „Safe to school“ реалност на терен. Инвестираме 90 милиони денари за детски катчиња, паркови, фитнес зони и пешачки патеки. Јавниот простор го враќаме на граѓаните. Скопје мора да биде град каде секој се движи слободно и безбедно. Образованието е наш темелен приоритет. Со зголемен буџет од 7,5%, обезбедуваме нови спортски терени, ИТ опрема и за првпат униформи за сите средношколци во прва година. Градиме ново училиште бидејќи инвестицијата во младите е инвестиција во развојот на Скопје. Културата добива двојно поголема поддршка за да го зачуваме проектот „Европска престолнина на културата - Скопје 2028“. Паралелно, ја зајакнуваме безбедноста со вработување на 30 нови пожарникари и набавка на современа опрема, нагласува Димитровски. Тој посочи дека ова е Буџет на одговорност и финансиска консолидација. Скопјани не бараат спектакуларни формули и импровизации туку решенија кои функционираат. Со 5,2 милијарди денари и јасен план, градот конечно застанува на нозе.