Белгиските јавни претпријатија ќе мора да вклучат повеќе жени во управните одбори

Белгиската Влада подготвува закон со кој во иднина јавните претпријатија во Белгија ќе бидат должни во своите управни одбори да имаат најмалку една третина жени. Ваквиот закон се предлага во рамки на напорите за усогласување на белгиското законодавство со европската директива „Жени во одборот“, која има за цел зголемување на бројот на жените на раководни позиции во компаниите во ЕУ. Оваа директива, која датира од 2022 година, предвидува една третина од членовите на управните одбори и 40 проценти од директорите во јавните компании да бидат жени. Квоти за процентуална застапеност на жените на раководни позиции во јавните претпријатија и компаниите што котираат на берзите во Белгија се воведени уште во 2011 година, но сега Владата со новиот законот презема понатамошни мерки за постигнување на родова еднаквост во највисоките управни тела. Според податоците на белгискиот Институт за еднаквост меѓу жените и мажите, во 2008 година само 9,2 отсто од претседателите на управните одбори во компаниите биле жени, додека во 2024 година таа стапка се покачила на 37,3 проценти. Според директорот на Институтот, Мишел Пастел, ова зголемување потврдува дека квотите се моќна алатка за подобрување на застапеноста на жените. Сепак, тој нагласува дека и покрај ваквиот позитивен показател, жените и натаму се недоволно застапени во управните одбори на компаниите. - Искуството покажува дека без обврзувачка рамка, напредокот во постигнувањето еднаквост останува ограничен и премногу бавен. Квотите не се цел сами по себе, туку ефикасна алатка за спроведување на родовата еднаквост во компаниите. Време е да се прошири опсегот на законот и на управните одбори, така што раководствата ќе го почитуваат принципот на еднаквост меѓу жените и мажите, додаде Пастел во изјава за белгискиот јавен радиодифузен сервис РТБФ.