Тошковски за новите полициски автомобили: Ова е прва ваква набавка по повеќе од 15, возила се целосно опремени со најсовремена технологија

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски днеска при презентацијата на новите полициски возила изјави дека ова е прва ваква набавка по повеќе од петнаесет години и дека новите возила се целосно опремени со најсовремена технологија. - Возила коишто навистина се моќни, возила коишто во рамки на својата техничка опрема ги имаат сите современи технолошки карактеристики за да одговорат на сите предизвици, како и секоја една друга полиција во светот. Возила во рамки на коишто ги имаме најсовремените тетра системи со потребни информации, за полициските службеници на лице место да ги извршат потребните проверки на евиденција и сите анализи на податоци коишто ги имаме во рамки на Министерството, појасни Тошковски. Тој истакна дека проектот е реализиран со значителна заштеда на буџетски средства. -Вкупната планирана вредност за овие возила беше отприлика околу 232 милиони денари. Овие возила беа платени 202 милиони денари, така што заштедивме дел и од буџетските средства – околу 30 милиони денари. Цената поединечно по возило е далеку пониска од комерцијалната вредност на едно возило, така што навистина мислам дека имаме многу успешен проект кој ќе овозможи зајакнување на капацитетите на Министерството за внатрешни работи, нагласи министерот.