„Денес сакам да ве информирам за една исклучително важна законска измена која директно го засега животниот стандард на граѓаните и пристапот до сопствен дом. На денешната пленарна седница во Собранието, ќе ја усвоиме измената на Законот за данокот на додадена вредност, со која се продолжува примената на повластената даночна стапка од 5% ДДВ при прво купување на стан, наместо досегашните 18%. Со ова законско решение, повластената стапка од 5% ќе важи до декември 2028 година и ќе се применува при прв промет на станбени згради и станови кои се користат за станбени цели. Ова значи дека за стан од околу 70 метри квадратни, граѓаните можат да заштедат и до 15.000 евра, секако, во зависност од купопродажната цена. Тоа е сериозна и реална поддршка, а не декларативна политика. Сакам да потсетам дека според досегашното законско решение беше предвидено зголемување на ДДВ од 5% на 18% од јануари 2026 година, што реално, ќе создадеше услови за ново зголемување на цените на становите на пазарот. Свесни сме дека цените на недвижностите веќе се високи и дека голем број граѓани, млади семејства и поединци, тешко доаѓаат до сопствен дом. Затоа, група пратеници од ВМРО-ДПМНЕ ја поднесовме оваа законска измена – за да не дозволиме дополнителен ценовен притисок и простор за поскапување од страна на инвеститорите. На крај, сакам јасно да порачам: Суштината на работата на пратениците во Собранието е носење законски решенија кои реално го подобруваат животниот стандард на граѓаните, а ова е токму еден таков пример.“