Мисајловски заедно со претседателката и началникот на Генералштабот на традиционална средба со поранешните началници на Генералштабот

Министерот за одбрана на Република Македонија, Владо Мисајловски заедно со претседателката Гордана Силјановска Давкова и началникот на Генералштабот, генерал-мајор Сашко Лафчиски денеска одржаа традиционална средба со поранешните началници на Генералштабот, како и со активните и пензионираните генерали на Армијата. -Денеска, заедно со претседателката и врховен командант на Армијата, Гордана Силјановска Давкова, и началникот на Генералштабот, генерал-мајор Сашко Лафчиски, беше одржана традиционална средба со поранешните началници на Генералштабот, како и со активните и пензионираните генерали на Армијата. Средбата овозможи на едно место да се обединат знаењето, искуството и професионалниот придонес акумулирани низ годините во развојот на Армијата. Македонската Армија континуирано се унапредува и ќе продолжи да се развива согласно највисоките стандарди на Алијансата, врз основа на професионалноста и посветеноста на нејзиниот кадар, со јасна определба кон обезбедување сигурност и безбедност за сите граѓани, пишува на социјалната мрежа на Фејсбук Мисајловски.