Мицкоски се огласи за дислокацијата на цементарница УСЈЕ

Мицкоски се огласи за дислокацијата на цементарница УСЈЕ Александра Спасеска 26.12.2025 / 14:34 Македонија Премиерот Христијан Мицкоски смета дека решението за воздухот во Скопје е системско, кое ќе понуди алтернативен начин за загревање на домовите на граѓаните од источниот и од западниот дел на градот, каде што нема мрежа за централно парно греење. Тој денес истакна дека дислокација не е проблем за Владата, но решението смета дека треба да е системско и сеопфатно оти има градови во кои нема такви големи капацитети, а загадувањето е високо. „Што се однесува до дислокацијата, тоа не е никаков проблем, што се однесува на Владата. Сето она што е проблем за граѓаните е проблем и за Владата, но сакам да дојдам до суштината. Суштината е дека загадувањето е резултат на децениската негрижа на граѓаните да им се обезбедат алтернативни извори на енергија со кои тие во текот на грејната сезона ќе ги затоплуваат своите домови. И на источната порта на градот и на западната порта на градот ние немаме понудено опција за граѓаните како да ги затоплуваат своите домови. Тука, пред сѐ, мислам на далечинско греење и гас. И тоа е децениска негрижа. И тоа е основната суштина во целиот овој процес. Тука ние како Влада работиме, развиваме еден проект, деталите ги очекувам на почетокот на следната година“, рече премиерот Мицкоски. На проектот веќе се работи, потпишан е меморандум за разбирање со инвеститорот за изградба на гасна електрана, со чија изградба првин на граѓаните кај источната порта на градот, а потоа и на оние кај западната, ќе им биде понудена алтернатива за греење. За тоа ќе треба време, но премиерот Мицкоски е задоволен што целта е одредена и што се чекори кон реализација на оваа цел. „Јас ги разбирам граѓаните. Тие се секогаш во право. Впрочем, ние сите тука живееме, го дишеме истиот воздух исто како и во другите градови во Македонија во кои нема такви производни капацитети, но има вонредно високо количество ПМ 2,5 и ПМ 10-честички, така што мора ова да биде системско решение. Не можеме парцијално како на шведска маса да си ги бираме работите, тоа што ни одговара да го анализираме, а тоа што не ни одговара да не го анализираме. Мора холистички да биде пристапот и така работиме“, рече премиерот Мицкоски денес по промоцијата на 120 нови полициски возила. Советот на Скопје синоќа едногласно ја прифати иницијативата за дислокација на цементарницата „Усје“, поднесена од „Зелен хуман град“, по 13-часовна седница, на која, како што соопштија од движењето, првпат биле обединети сите политички групи во Советот во врска со ова прашање. Автор/Извор МАКФАКС Прикажи во метро On