Намалена видливост поради појава на магла до 100 метри има на планинските превои Стража и Ѓавато, до 30 метри на планинскиот превој Плетвар и во Крушево и од 15 – 20 метри на патниот правец крак Маврово – Маврови Анови, соопшти вечерва АМСМ. Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по претежно влажни коловози. Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата. Во сила е законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата. АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.