Трамп: САД нема да брзаат со признавањето на Сомалиленд

Американскиот претседател Доналд Трамп денеска изјави дека САД нема да брзаат со следењето на  Израел во признавањето на независноста на Сомалиленд, наведувајќи дека тоа е прашање кое сè уште треба да се „проучи детално“. „Сè е предмет на разгледување. Ќе го проучиме. Јас проучувам многу работи и секогаш донесувам одлични одлуки, а тие се покажуваат како правилни“, нагласи Трамп за Њујорк пост. Трамп, исто така, рече дека потегот со кој Израел стана првата земја што ја призна независноста на Сомалиленд сè уште не го убедил, како и дека претстојните разговори со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху првенствено ќе се фокусираат на ситуацијата во Појасот Газа. „Дали некој воопшто знае што е Сомалиленд“, рече Трамп. Конечно, кога беше замолен да ги коментира понудите на Сомалиленд до САД за пристаниште во стратешки важниот Аденски Залив, Трамп одговори со смеа, „силна работа“. Израел претходно ја призна Сомалиленд, отцепен регион на Сомалија, како „независна и суверена држава“, изјави израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, со што Израел стана првата земја што го стори тоа. Шефовите на дипломатиите на Сомалија, Египет, Турција и Џибути го осудија признавањето на Сомалиленд, отцепен регион на Сомалија од страна на Израел, соопштија египетски претставници.