Канадскиот премиер Марк Карни денеска објави нов пакет економска помош за Украина во износ од 2,5 милијарди долари, нагласувајќи дека оваа поддршка има за цел да обезбеди почеток на процесот на обнова на земјата и посочи дека Канада ќе продолжи да обезбедува воена поддршка на Украина. „Денеска најавуваме понатамошна економска помош за Украина во износ од 2,5 милијарди долари. Оваа поддршка ќе помогне во привлекувањето финансирање од Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), Светската банка и Европската банка за обнова и развој за да се започне процесот на обнова“, рече Карни. За време на средбата со претседателот на Украина, Володимир Зеленски, тој нагласи дека е потребна волјата на Русија за постигнување праведен и траен мир, со истовремено нагласување на важноста на меѓународната поддршка за Украина во овие тешки времиња. „Под ваше водство, имаме услови за праведен и траен мир, но за тоа ни е потребна волјата на Русија“, му рече Карни на Зеленски, пренесува Укринформ. Канадскиот премиер ја истакна важноста од продолжување на притисокот врз Русија. „Нашата поддршка за Украина е клучна во овој момент, со цел да се создадат услови за праведен и траен мир и всушност да се започне процесот на обнова“, рече Карни. Покрај економската помош, Канада ќе продолжи да обезбедува воена поддршка за Украина, нагласи премиерот на Канада. Зеленски денеска пристигна во Канада во работна посета, а од Канада ќе замине за САД каде што утре во Флорида ќе се сретне со претседателот Доналд Трамп.