Еден загинат и тројца исчезнати во несреќа со мигранти на грчкиот остров Самос

Во морскиот дел северно од грчкиот остров Самос во тек е спасувачка акција на крајбрежната служба на Грција по четворица исчезнати мигранти, а досега било извлечено безживотното тело на еден од нив, јави дописничката на МИА од Атина. Од крајбрежната служба информираа дека откако на копно биле откриени 26 мигранти, кои посочиле дека четворица се исчезнати во морскиот дел, започнала спасувачката акција. Извлечено било едно безживотно тело, а продолжува акцијата по останатите тројца мигранти. Во операцијата се вклучени еден брод на крајбрежната служба и приватен чамец, како и припадници на службата кои патролираат на копно.