Од 1 јануари во Брисел стартува забрана за дизел возилата со Еуро 5 и бензинците со Еуро 2 стандарди

На дизел возилата што ги исполнуваат стандардите Еуро 5 и возилата на бензин со стандардите Еуро 2 од 1 јануари 2026 година ќе им биде забрането движење во регионот на Брисел, соопшти бриселската Регионална агенција за животна средина. Агенцијата информира и дека за ваквата забрана ќе испрати писма со предупредување до сопствениците на возила што не се во согласност со прописите, во кои ќе ги потсети дека ќе им следи казна од 350 евра ако ја прекршат забраната двапати во период од три месеци. Ваквата забрана е дел планот за намалување на емисиите на штетни гасови во Брисел, познат како ЛЕЗ, што се имплементира во фази. Регионалниот парламент на Брисел претходно се изјасни за одлагање на стапувањето во сила на забраната, но Уставниот суд на Белгија кон средината на овој месец ја поништи ваквата одлука на бриселските пратеници. Инаку, покрај за возилата, забраната за движење низ Брисел ќе се однесува и за мотоциклите што ги исполнуваат стандардите Еуро 1 или Еуро 2. Според Регионална агенција за животна средина, забраната ќе опфати околу 33.000 возила регистрирани во Брисел, што претставува околу седум проценти од вкупниот број возила во градот. Следната фаза на ЛЕЗ ќе започне на 1 јануари 2028 година, од кога ќе биде забрането движење на дизел возилата со стандардот Еуро 6 и бензинците со Еуро 3.