Причината зошто Палтроу кажа „не“ на 18+ сцена со Хок

Речиси три децении по заедничката улога во филмот Great Expectations (Големи очекувања), Гвинет Палтроу и Итан Хок повторно се најдоа пред камерите, овој пат на интервју, каде што се потсетија на снимањето на филмот од 1998 година.Во разговор за Венити фер (Vanity Fair), Палтроу откри дека прчината поради која одбила да ја сними експлицитната сцена со Хок, за модерната адаптација на романот на Чарлс Дикенс, режирана од Алфонсо Куарон, е нејзиниот татко. Актерката се присети дека режисерот предложил сцена во која нејзиниот лик има интимен однос со ликот што го толкувал Хок. Од друга страна, Хок на интервјуто ја опиша визијата на Куарон, кој замислувал уметнички обликувана сцена со долги кадри и симболична „експлозија на светлина“. Како што се сеќава актерот, нејзиниот одговор бил директен и јасен: Алфонсо, „јас тоа никогаш нема да го направам.“ Добитничката на „Оскар“ објасни дека во раната фаза од кариерата била силно оптоварена од помислата дека нејзиниот татко и дедо би можеле да гледаат такви сцени. Филмот „Големи очекувања“ излезе во кината во јануари 1998 година и, иако доби поделени критики, оствари солиден успех. Во актерската екипа беа и Хенк Азарија, Крис Купер, Ен Банкрофт и Роберт де Ниро. Во разговорот, Палтроу и Хок се осврнаа и на своите кариери, истакнувајќи дека и покрај притисоците на Холивуд, успеале да останат верни на себе. Двајцата и натаму се активни во филмската индустрија. Палтроу неодамна се врати на големото платно по подолга пауза со филмот Марти Суприм (Marty Supreme), кој веќе доби позитивни критики и номинација за „Златен глобус“, а пак Хок, настапува во биографскиот филм Блу Мун (Blue Moon), објавен во октомври, каде што го толкува текстописецот Лоренц Харт.