Ако Украина сака мир треба да ги повлече своите војници од делови на Донбас, ако не се постигне мир ќе изгуби уште повеќе територија, соопшти денеска Кремљ. Претседателот на Русија, Владимир Путин вчера разговараше со американскиот колега Доналд Трамп, пред неговата средба со украинскиот претседател Володимир Зеленски. Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков истакна дека планирано е Путин и Трамп да имаат уште еден телефонски разговор. Но, демантираше дека е планиран телефонски разговор Путин – Зеленски. Песков не ја коментираше идејата за слободна економска зона во Донбас, како и иднината на нуклеарната електрана Запорожје, со која управува Русија. Според руски процени, Москва моментално контролира една петтина од Украина, вклучувајќи го и Крим, кој го анектираше во 2014 година, околу 90 проценти од Донбас, 75 отсто од регионите Запорожје и Херсон, како и помали делови од регионите Харков, Суми, Николаев и Дњепропетровск.