Трамп сака да воведе мерки за кои жестоко го критикуваше Бајден

Трамп сака да воведе мерки за кои жестоко го критикуваше Бајден Александра Спасеска 29.12.2025 / 13:48 Свет Претседателот на САД, Доналд Трамп, кој не пропушта ниту една можност да го критикува својот претходник Џо Бајден заради високата инфлација, сега предлага економски мерки кои неверојатно наликуваат на оние од мандатот на Бајден. Иако постојано тврдеше дека Бајден ја предизвикал инфлациската криза, најновите предлози на Трамп, вклучувајќи директни исплати на граѓаните и повици за пониски каматни стапки, звучат како повторување на историјата, пишува CNN. На почетокот од мандатот на Бајден, економијата сè уште се опоравуваше од пандемијата, со силен раст, но и со висока невработеност. Тогаш Бајден и демократскиот Конгрес одобрија пакет стимуланси вреден речиси две милијарди долари, вклучувајќи исплати од 1.400 долари на граѓаните. Тоа се случи само една година по тоа што Трамп потпиша сличен закон, а Федералните резерви (ФЕД) ги спуштија каматните стапки на нула. Предупредувањата дека таквите потези би можело да предизвикаат раст на цените главно беа игнорирани, но се обистинија во 2022 година, кога инфлацијата достигна највисоко ниво во последниве четири децении. Денес Трамп се соочува со поинаква економска средина - високите трошоци за живот се проблем број еден, а каматните стапки значително се повисоки. Сепак, има сличности со раниот мандат на Бајден, како на пример послабиот пазар на труд во комбинација со силен економски раст. Американскиот бруто-домашен производ во текот на летото пораснал со годишна стапка од 4,3%, што е најбрз раст во последните две години - податок кој би требало да му послужи на Трамп како предупредување. Неговиот предлог дополнително да се поттикне веќе силната економија со чекови од 2.000 долари и пониски каматни стапки е токму комбинацијата за која критичарите - меѓу кои и тој самиот порано - тврдат дека ја предизвикала инфлациската криза. „Трампово правило“ Минатата недела, Трамп на социјалните мрежи објави порака која ја нарече „Трампово правило“. Во неа бара ФЕД, со новиот претседател што планира да го назначи, да ги намали каматните стапки за да ја поддржи берзата и економијата, дури и по цена на поттикнување инфлација. „Сакам мојот нов претседател на ФЕД да ги намали каматните стапки ако пазарот добро работи, а не да го уништува пазарот без никаква причина“, напиша Трамп. Во својата препознатлива хиперболична манирa, тој изјави дека силниот пазар на акции би можел да поттикне економски раст и до 20% годишно. Во реалноста, американската економија никогаш не пораснала ниту 9% во една година; најголемиот раст во последните 40 години е забележан во 2021 година, за време на мандатот на Бајден, кога изнесуваше 6,1% поради закрепнувањето по пандемијата. Покрај тоа, пазарот на акции сам по себе не е главен двигател на економскиот раст; тој повеќе претставува одраз на очекувањата на инвеститорите отколку директна причина за раст. Сепак, основната идеја на Трамп е јасна: намалувањето на каматните стапки во време на силен раст дополнително би ја забрзало економијата, но главниот симптом на такво „прегревање“ е токму инфлацијата. Рецепт за инфлација? Основните закони на понуда и побарувачка објаснуваат зошто предлозите на Трамп би можеле да бидат инфлаторни. Исплатата на чекови од 2.000 долари би ја зголемила побарувачката без да ја зголеми понудата, класичен рецепт за повисоки цени. Кога луѓето имаат повеќе пари, тие повеќе трошат, а ако понудата не може да ја следи побарувачката, цените неизбежно растат. Слично, поставувањето на претседател на ФЕД кој би се залагал за пониски стапки би поттикнало нов бран инфлација. Пониските каматни стапки ги намалуваат трошоците за задолжување кај компаниите, давајќи им повеќе капитал за инвестиции и потрошувачка. И како и обичните потрошувачи, и корпорациите можат да создадат нерамнотежа меѓу понудата и побарувачката, што доведува до раст на цените. ФЕД веќе беше критикуван што предолго ги одржувал ниските каматни стапки, а претседателот Џером Пауел ја нарече инфлацијата во почетокот „преодна“, нешто што подоцна призна дека било грешка. Сега изгледа дека Трамп се залага за повторување на истиот сценарио: ниски стапки, силен раст и повеќе пари во џебовите на Американците. Ќе го добие ли Трамп сепак тоа што го сака? Во целата равенка, Трамп воведе уште еден фактор со кој Бајден немаше проблем, историски високите царини што ги одржуваат цените на повисоко ниво. Иако царините не предизвикаа неконтролирана инфлација, претседателот на ФЕД, Пауел, овој месец изјави дека токму тие се одговорни за тоа што инфлацијата и натаму останува над целта на ФЕД од 2%. Во ноември, потрошувачките цени во САД пораснаа за 2,7% на годишно ниво. Трамп призна дека неговите политики би можеле да создадат проблем во иднина. Минатата недела рече дека, ако инфлацијата стане загрижувачка, ФЕД секогаш може повторно да ги зголеми стапките „во соодветно време“. Но нагласи дека тоа време не е сега и дека ФЕД треба да се стреми кон поголем раст. „Соединетите Американски Држави треба да бидат наградени за УСПЕХ, а не уништени од него“, напиша Трамп, додавајќи: „Секој што не се согласува со мене никогаш нема да биде претседател на ФЕД!“ На крајот, Трамп можеби навистина ќе го добие тоа што го сака. Се очекува ФЕД да ги задржи стабилните каматни стапки до средината на 2026 година за да го поддржи ослабеното пазариште на труд. Но, ако состојбата со вработеноста продолжи да се влошува, централната банка можеби нема да има избор освен да ги намали стапките, дури и по цена на ризик од зголемена инфлација. САД Доналд Трамп Автор/Извор А.С. Прикажи во метро On