Владата одлучна во процесот на ремедијација на ОХИС во соработка со УНОПС

Денеска беше потпишано продолжување на договорот за партнерство меѓу Владата на Република Македонија и Канцеларијата на Обединетите нации за проектни услуги (УНОПС) за ремедијација на малата депонија контаминирана со линдан лоцирана во поранешната фабрика ОХИС во Скопје. Со договорот повторно се потврдува заедничката посветеност на националните институции и меѓународните партнери за решавање на едно од најкомплексните еколошки жаришта во земјата, информираат од владата. Продолжувањето на договорот обезбедува дополнителни 12 милиони евра финансиски средства, обезбедени од Владата преку Генералниот секретаријат на владата, и воспоставува период на имплементација од 3 години, во кој се очекува да бидат завршени сите преостанати работи на терен и целосно да се изврши ремедијацијата на малата депонија. Континуираната интервенција ќе овозможи безбедно отстранување и управување со опасниот отпад, во согласност со меѓународните еколошки и стандарди за безбедност и здравје при работа, со што значително ќе се намалат ризиците по јавното здравје и животната средина за околните заедници. =Продолжувањето на договорот ја одразува силата на нашето партнерство и заедничката решителност конечно да се затвори ова долгогодишно еколошко прашање, изјави Игор Јанушев, генерален секретар на Владата. „Со комбинирање на националното лидерство и меѓународната експертиза, создаваме услови за безбеден, темелен и одржлив процес на ремедијација.“ Ремедијацијата на малата депонија на локацијата ОХИС, која се состои од 5 бетонски базени, започна во 2021 година. Досега се ископани и спалени на 1969 тони HCH отпад и 586 тони на контаминирана почва, приближно 60 отсто од планираното чистење. Досегашните активности беа завршени со комбинирано финансирање од Владата, Европската Унија и Кралството Норвешка, што претставува значаен чекор во справувањето со наследеното загадување на оваа локација. Продолжувањето на партнерството потпишано денес се очекува да овозможи целосно завршување на работите за ремедијација на малата депонија. Активностите за ремедијација предвидуваат ископување, пакување, привремено складирање, транспорт и отстранување на HCH отпадот и контаминираната почва и невно согорување. -Комплексното наследено загадување не може да се реши од една институција поединечно, изјави Микела Телатин, директорка на Мултидржавната канцеларија на УНОПС за Југоисточна Европа. „Овој проект покажува како партнерството, довербата и јасно дефинираните улоги можат да донесат конкретни еколошки и здравствени придобивки за заедниците, истовремено обезбедувајќи ремедијацијата да се спроведува безбедно и одговорно.“ Продолжувањето на договорот ја потврдува континуираната посветеност на партнерите за справување со историското индустриско загадување и унапредување на одговорното управување со животната средина во Република Македонија. Воедно, се создаваат предуслови за иницирање на ремедијациски работи на поголемата депонија контаминирана со линдан на локацијата на поранешната фабрика ОХИС.