Роналдо јасен: Нема да ја завршам кариерата додека не постигнам 1.000 голови

Роналдо јасен: Нема да ја завршам кариерата додека не постигнам 1.000 голови Филип Здравески 29.12.2025 / 14:20 Фудбал Фудбалерот на Ал Наср и португалски репрезентативец, Кристијано Роналдо, изјави дека нема да ја заврши својата играчка кариера додека не постигне 1.000 голови, објави денеска BBC. Роналдо (40) постигна два гола во победата на Ал Наср од 3:0 над Ал Охдуд во 11-тото коло од Сауди про лигата во саботата. Португалецот има постигнато вкупно 956 голови во својата кариера за клубови и репрезентација. Пристигна во Ал Наср кон крајот на 2022 година и има договор со клубот од Ријад до 30 јуни 2027 година. „Тешко ми е да продолжам да играм, но мотивиран сум“, рече Роналдо во Дубаи во неделата откако ја доби наградата Глоуб спортс за најдобар играч на Блискиот Исток. „Не е лесно, но сум многу мотивиран и страствен. Не е важно каде играм, во Европа или на Блискиот Исток. Секогаш уживам во фудбалот и сакам повеќе да играм. Знаете кои се моите цели, да освојувам трофеи и да постигнам илјада голови. Ако нема повреди, дефинитивно ќе постигнам илјада голови“, додаде играчот на Ал Наср. Роналдо за клубовите за кои настапуваше (Спортинг, Манчестер Јунајтед, Реал Мадрид, Јувентус, Ал Наср) има постигнато 813 голови во сите официјални натпреварувања (не се рачунаат пријателските натпревари), додека за репрезентацијата на Португалија има постигнато 143 голови. Во вкупната статистика не влегуваат 18-те голови што ги има постигнато за младинските репрезентации. Пред нешто повеќе од еден месец, Роналдо во интервју за Пирс Морган изјави дека планира наскоро да ја заврши кариерата. „Мислам дека ќе бидам подготвен. Ќе биде тешко, веројатно ќе плачам“, рече во таа прилика Роналдо. Кристијано Роналдо Автор/Извор Ф.З. Прикажи во метро On