По предлог на Министерството за правда во Албанија целосно од затворската казна ќе бидат амнестирани 380 лица, додека на 900 други им се намалува казната. Тоа, како што се наведува во образложението, како дел од модерната казнена политика, која има за цел рехабилитација, намалување на пренатрупаноста во затворите и зајакнување на долгорочната безбедност „чин инспириран од хуманизмот, социјалната правда и европските стандарди“. - Силната држава не треба да ги држи луѓето во затвор без реална опасност. Од спроведувањето на оваа амнестија, полза ќе имаат 380 лица, кои целосно се ослободуваат веднаш, а на околу 900 други ќе им бидат намалени казните. Затвори се пренатрупани. Има околу 5.000 лица, од кои значителен дел, поточно повеќе од половината, се лица во притвор. Со амнестијата затворската популација се намалува за околу седум отсто, истакна албанскиот министер за правда Бесфорт Ламалари. Според него, со амнестијата се опфатени малолетници, жени и лица осудени за социјални прекршоци со низок ризик, но не и оние кои извршиле тешки кривични дела, корупција или дела со висок општествен ризик, како и субјекти кои биле истражувани од Специјалното обвинителство против корупција и организиран криминал и судени од Специјалниот суд.