Британската Влада се соочи со обвинувања за прикривање информации поврзани со кралското семејство, откако во последен момент го блокираше објавувањето на одредени документи што се однесуваат на поранешниот принц Ендру и неговите трошоци за патувања во својство на британски трговски пратеник. Документите, кои биле дел од архивските фајлови предадени на Националниот архив и кои на медиумите им биле достапни однапред под ембарго, биле повлечени непосредно пред објавувањето, објави весникот „Гардијан“. Од канцеларијата на Кабинетот соопштија дека станува збор за „административна грешка“ и дека тие записи никогаш не биле наменети за јавноста. Меѓу повлечените документи имало записници од 2004 и 2005 година од Даунинг стрит 10, кои се однесуваат на кралски посети. Во нив било наведено дека евентуална промена на правилата би значела трошоците за патувањата на принцот Ендру, тогаш војвода од Јорк, да ги преземе Кралската туристичка канцеларија наместо тогашното Министерство за трговија и индустрија, што би го зголемило нејзиниот буџет за околу 100.000 евра. Биле разгледувани и посети на Кина, Русија, Југоисточна Азија и Шпанија. Според критичарите, повлекувањето на записниците укажува на практика на ускратување документи поврзани со кралското семејство во рамките на Законот за јавни евиденции. Други документи од истата архивска транша вклучуваат записи за смртта и погребот на принцезата Дајана, кои биле објавени уште во 2005 година врз основа на Законот за слобода на информации, како и преписка во која Кабинетот се извинува за грешка во роденденска телеграма упатена до кралицата мајка во 1994 година. Тие записи, исто така, откриваат дека Даунинг стрит во 2005 година одбил да ги објави деталите од разговорите меѓу тогашниот британски премиер Тони Блер и францускиот претседател Жак Ширак по сообраќајната несреќа во Париз во која загина принцезата Дајана, наведувајќи дека станува збор за доверливи разговори и дека нивното објавување не е во јавен интерес. Во друг документ се наведува дека кабинетот на премиерот бил принуден да се извини по жалбата на личниот секретар на кралицата мајка поради „несоодветно адресирана“ роденденска телеграма, иако тогашната администрација тврдела дека грешката настанала при преносот на пораката од страна на телекомуникациска компанија.