Спорот со Анкара би можел да влијае врз одбранбените приоритети на Кипарското претседателство со ЕУ, сметаат дипломати

Долгогодишните тензии во односите на Кипар со Турција, поради кои Никозија блокира поблиска воена соработка меѓу ЕУ и Анкара, би можеле да фрлат сенка врз напорите на претстојното Кипарско претседателство со Советот на Европската Унија поврзани со одбранбените прашања, оценуваат дипломати во Брисел. Според нив, клучното прашање поврзано со одбраната е барањето на Турција за вклучување во програмата на ЕУ за финансирање на заеднички набавки за потребите на одбраната, наречена Безбедносна акција за Европа (САФЕ), на што се противи Никозија, но и Атина. Дополнително, Грција и Кипар на дозволуваат и приклучување на Турција кон Европската одбранбена агенција (ЕДА). Од друга страна, пак, Турција го блокира вклучувањето на Кипар во програмата на НАТО, Партнерство за мир, а како одговор на блокадата на нејзиното приклучување кон ЕДА, не дозволува размена на класифицирани информации меѓу Алијансата и оваа Агенција на ЕУ. Меѓу приоритетите на Кипарското претседателство со Унијата во делот на одбраната е токму и имплементацијата на програмата САФЕ, чии планови за набавки треба да бидат одобрени од Советот на ЕУ. Осврнувајќи се блокадите од страна на Кипар на турското учество во САФЕ, еврокомесарот за одбрана и Вселената, Андриус Кублиус изрази надеж дека одбранбените капацитети на ЕУ ќе продолжат да зајакнуваат, без оглед на тоа кој претседава со блокот. Стравувања од можното влијание на Кипарското претседателство врз зајакнување на одбранбената соработка меѓу ЕУ и Анкара изразуваат и извори во НАТО, кои посочуваат дека таа е особено важна во услови на постоењето на „руската закана“. Според нив, исклучувањето на Турција од претстојните одбранбени планови на Унијата би го поткопало напорите за единство на НАТО и ЕУ. Но, Кипар од своја страна се обидува да ги ублажи ваквите стравувања, тврдејќи дека за време на претседавањето со ЕУ во првата половина на 2026 година ќе се обиде да ги затопли односите со Анкара. Кипарскиот претседател Никос Христодулидес во едно неодамнешно интервју рече дека клучот е „да се натера“ Анкара да се согласи на вклучување на Кипар во програмата Партнерство за мир, по што Никозија постепено ќе почне да ги отстранува пречките за поблиска соработка меѓу ЕУ и Турција. - Можеме да замислиме пристап „чекор-по-чекор“ со приклучување на Кипар кон Партнерството за мир и паралелно позитивни чекори во односите ЕУ-Турција, рече Христодулидес. Турција е значаен западен сојузник имајќи предвид дека ја има втората најголема армија во рамките на НАТО по САД и има силна одбранбена индустрија што произведува оружје и опрема според стандарди на Алијансата, на чие почитување инсистира ЕУ. Во услови на се понепредвидливо опкружување, во ЕУ расте заложбата за продлабочување на одбранбената соработка со Турција, која има статус на кандидат за членство во Унијата со замрзнати пристапни преговори. Поради ова дипломати во Брисел инсистираат на смирување на тензиите меѓу Турција од една и Грција и Кипар од друга страна, оценувајќи дека од тоа корист би имале сите. Но, изјавите на некои кипарски претставници оставаат малку надеж за оптимизам околу ова прашање. Така, кипарската заменичка министерка за европски прашања Марилена Рауна за „Политико“ вели дека мора да се има предвиде дека Кипар е земја членка на ЕУ „под турска окупација“. - Тоа е окупација на европска територија. Средствата за одбрана на ЕУ не можат да одат во Турција без да се постигне никаков напредок, изјави Рауна. Таа потсетува и дека токму Турција е одговорна зошто Кипар не е земја членка на НАТО. - Тоа што Кипар не е во НАТО не е прашање на наш избор. Ако можеше, уште утре ќе се придружевме на Алијансата, додаде Рауна.