ПРВ ПРЕДИЗВИК: Останува мигрантската криза, која на глобално ниво не стивнува, дотолку повеќе што богатите земји бараат начин товарот да го префрлат на посиромашните и помалите, по принципот ,,каде ќе успее‘‘. Тоа е картата на која се обидува да игра и СДСМ, користејќи се со непроверени, шпекулативни и лажни информации согласно максимата - 100 пати повторена лага станува вистина. Но, во овој случај проценката на опозицијата е целосно погрешна. Според сите релеватни фактори, британска влада, британска амбасада, македонска влада и кој уште не, договорот со Обединетото Кралство ниту опфаќа дислокација на мигранти во земјава, ниту за тоа е досега разговарано. Загрижува ,,силувањето на темата‘‘ од страна на СДСМ посебно откако Премиерот Мицкоски вети повлекување од политиката доколку ПР-џиите на СДСМ, како корисникот на опојни дроги Јон Фрчковски некаде види барем еден легален мигрант, кој не добил азил од Лондон, а е прифатен од македонската влада да плодоужува на оваа македонската земја. Посебно што и шефот на државата со молив и хартија им нацрта дека никој кој не е подобен за Британија, не може да биде подобен за Македонија. Ако на тоа се надополни јавното тврдење на шефот на дипломатијата, Тимчо Муцунски дека: ,,Во ниту една форма, и легални и нелегални, вакви, такви, никакви мигранти нема да бидат примени во нашата држава врз основа на која било форма на договор со Обединетото Кралство...Ниту одбиени баратели за азил‘‘ - јасно е дека опозицијата свири по погрешни ноти. Откако и британските медиуми се уверија во шпекулативните информации, СДСМ се обиде да се оправда дека се работи за економски мигранти, но само подлабоко се вовлече во живиот песок во кој самата се втурна. Имено, економски мигранти имало и ќе има, уште пред времето на заевиот отворен Балкан, а да не зборуваме за обемот на работата на Бехтел и Енка на коридорите 8 и 10, уште повеќе што и македонскиот бизнис одамна увезува работници за многу позиции во угостителството, земјоделството, градежништвото и слично. Резиме - и следната година Македонија останува сигурно место без мигранти, кои можат да влијаат на безбедноста на граѓаните и државата. ВТОР ПРЕДИЗВИК: Остануваат евроинтеграциите. Колку и да се сомнева човек во тврдоглавоста на владата за неисполнување на условот - вметнување на Бугарите во преамбулата на уставот за отворање на поглавјата, развојот на настаните, само ја потврдува оправданоста на барањето гаранции за предвидливост на процесот. Процес кој ќе ги исклучи идентитетските прашања. Односно ниту сега ниту кога било во текот на преговорите тие ќе бидат ставени на маса од страна на Софија, ниту пак ќе се постави друг билатерален услов кој ќе го закочи преговарачкиот процес се до својот крај. Во годината кога се очекува разврска на украинската војна и замижување на двете очи од страна на бирократите во Брисел за подготвеноста на Украина и Молдавија за преговори за членство, станува јасно дека политичките подароци што ќе им се дадат на Киев и Кишињев ќе мора да бидат проследени, барем со заслужените ,,ситни пакетчиња‘‘ под новогодишната елка за Македонија, ако воопшто можат да се наречат подароци по сите досегашни отстапки и реформи. Колку да ни порачуваат бриселските бирократи ,,знаете што треба на направите‘‘, се поизвесно е дека овојпат знаат дека ТИЕ нешто треба да направат, во ситуација на континуирана политичка нестабилност во Бугарија. Нестабилност поради која земјава не може да најде партнер за разговори. Брисел сега знае дека се што ќе примени како политичка одлука за Украина и Молдавија, во најмала рака ќе треба да го примени за Македонија, ако ја сака во европското семејство. Резиме - ако досега се чекаше, сега не треба да се попушти за вметнување на Бугарите во Уставот без гаранции. ТРЕТ ПРЕДИЗВИК . Продолжување со стратегијата на креирање и продлабочување на стратешки партнерства. Со Обединетите Арапски Емирати веќе се води активен дијалог на ниво на министерства за надворешни работи за постигнување два договори – договор за стратешко партнерство, кој ќе ги олесни меѓусебните инвестиции и договор за слободна трговија. Оваа низа на стратешки договори дава сигурност во функационирањето на државата на глобално ниво, посебно во моменти на воени и безбедносни предизвици, кои во најмала рака водат кон недостаток на енергенси, суровни, свеж капитал, заеми и кредити по поволни услови, но и соработка во воено-безбедносен аспект. Тој е продолжение на веќе постигнатите стратешки партнерства со Велика Британија, САД, Турција, Унгарија, најавениот со Азербејџан (со фокус на енергијата). Искуството ни говори дека по примерот на потпишувањето на стратешкото партнерство со САД, веднаш по фијаското на Самитот на НАТО во Букурешт во 2008. година, Македонија повеќе не треба да чека исклучиво на ,,бел чад‘‘ од Брисел. Резиме - нови стратешки партнерства носат само корист. ЧЕТВРТ ПРЕДИЗВИК: Учество во меѓународни воено - мировни мисии. Македонија е веќе етаблиран партнер во НАТО, дури и пред официјалното членство. Како кредибилен учесник во меѓународни мировни мисии треба да ја продолжи таа пракса, со исклучок на Украина. Зошто? Дури и по стапување на мирот во оваа земја, каков и да биде и по која и да е цена, Македонија не треба да испраќа свои војници во каква било мисија, со оглед на исклучително комплицираната состојба која ќе настапи по постигнување мир. Тоа што и беше должност земјава го направи и во испраќање оружје, опрема и муниција, во обука и во гостопримство на украински бегалци. Резиме - ако САД, Русија, Украина и ЕУ тешко се договараат за мир, уште потешко ќе треба да го одржат, а тоа не е предизвик кој ние треба да го прифатиме. ПС. Редно е Дедо Мраз да не посети и нас!