Порано лампионите биле стаклени: Од каде потекнуваат?

Порано лампионите биле стаклени: Од каде потекнуваат? Филип Здравески 30.12.2025 / 13:13 Живот Денес, тие висат од зимзелените гранки на новогодишните елки и ги надополнуваат нашите празници, но дали знаете од каде потекнуваат овие декоративни стаклени топки? Сликарката на стакло Јана Рихтер произведува стаклени лампиони украсени со слој леден лак во нејзината работилница во Лауша Елката украсена со шарени топчиња е сè уште олицетворение на новогодишните празници. Денес, меѓутоа, најчесто се користат пластични украси за елка, додека во минатото стаклените топки биле единствените украси што се признавале. А од каде потекнува првата стаклена топка за елка? Иако нејзиното име е малку познато, во градовите на германската сојузна покраина Тирингија, која некогаш била дел од Источна Германија, се родиле, живееле, студирале, создавале или починале некои од најпознатите личности во историјата, не само на Германија, туку и на целиот свет: Мартин Лутер, реформаторот на Католичката црква и основачот на протестантизмот; композиторите Јохан Себастијан Бах и Јохан Пахелбел, а подоцна и Рихард Вагнер и Франц Лист; писателот и поет Гете, филозофот Ниче и „германскиот Шекспир“ - поетот Фридрих Шилер. Позната како место на инспирација, Тирингија, покрај делата на големите умови, му донела на светот уште еден украс! Новогодишниот. Стаклените украси за елка потекнуваат од средината на XIX век, кога дувачите на стакло во тириншкиот град Лауша почнале да прават едноставни топчиња. Во пресрет на Нова година, тие дошле до идеја да направат украси во форма на овошје и јаткасти плодови, кои претходно се користеле за украсување на елка. Идејата била на Ханс Грајнер, кој направил венци од стаклени мониста и лимени фигури што можеле да се закачат на гранки. Многу брзо, продажбата на стаклени украси во Лауша и околината почнала да цвета. Кога дувачите на стакло смислиле начин да го обојат стаклото со додавање раствор од сребрена сол, разиграни украси почнале да висат на новогодишните елки низ целата земја. Жени во Германија покриваат лампиони со златен конец и нишки од предено стакло До 1900 година, достапна била цела палета од бои и форми на блескави божикни украси, а со поддршка на германското царско семејство, елката станала национален симбол. Стаклените лампиони подоцна биле извезувани низ целиот свет, главно во остатокот од Европа и САД. Претприемачите кои ги изработувале заработувале милиони. Германија била ексклузивен производител на стаклени лампиони до 1925 година. Таа година, во Јапонија започнало големо производство на стаклени лампиони. Кон крајот на 20-тите, Чехословачка и Полска, две земји со долга традиција во производството на стакло, почнале да произведуваат свои лампиони. Работилница за дување стакло од Лауша, околу 1930 година (Музеј на тириншки фолклор во Ерфурт) Кога започнала Втората светска војна во 1939 година, Европа, меѓу другото, престанала да извезува божикни украси, а бизнисот се префрлил преку Атлантикот. Во Њујорк се отворила фабриката за стакло Corning Glass Works и почнала да произведува стаклени божикни украси. По Втората светска војна, источногерманската влада ги национализирала повеќето фабрики за украси во Лауша, а производството престанало. По падот на Берлинскиот ѕид, повеќето компании биле реосновани. Денес, во Лауша има околу 20 мали стаклени компании кои произведуваат стаклени украси. Луѓето што ги имаат најчесто ги наследиле, а ако сакаат да ги купат, ќе мора да издвојат сериозна сума пари, бидејќи еден лампион може да чини од 500 до неколку илјади денари. нова година Германија Автор/Извор Ф.З. Прикажи во метро On