Деветмина повредени при судир на два трамваи во Антверпен

Девет лица се повредени денеска при судир на два трамваи во белгискиот град Антверпен. Како што јавија белгиските медиуми, меѓу повредените се и двајцата возачи на трамваите, од кои едниот се здобил со посериозни повреди, но е вон животна опасност. Останатите седуммина повредени се патници во трамваите, кои минале се полесни повреди. Локалната полиција информира дека причините за несреќата „сè уште се нејасни“, најавувајќи дека ќе бидат сослушани патниците и ќе бидат проверени снимките од надзорните камери. Тестовите на двајцата возачи на алкохол и наркотици биле негативни. Поради несреќата, сообраќајот на таа траса низ која минуваат четири трамвајски линии бил во прекин околу два и пол часа.