Управниот одбор (УО) на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ), на денешната седница, донесе одлука за поведување дисциплинска постапка против поранешниот претседател на федерацијата, Муамед Сејдини. Постапката, како што е соопштено, се поведува поради основано сомнение за измама и доведување во заблуда на членовите на Управниот одбор, поврзано со авансна исплата во износ од 700.000 евра кон фирмата-изведувач задолжена за изградба на трибината на стадионот „Билјанини Извори“ во Охрид. „Исплатата, согласно достапната документација, била извршена самоиницијативно, спротивно на одлуката на Управниот одбор и спротивно на понудата и надлежностите и без да биде обезбедена банкарска гаранција“, соопшти ФФМ. Според УО на ФФМ, „постојат елементи на тешки повреди на службените обврски и делување спротивно на интересите на ФФМ, со што се нанесени негативни последици врз репутацијата и финансиското работење на федерацијата“.