Новинарката Мери Јордановска му се извини на Кирков: Неточна е информацијата дека одлежал затворска казна

Никогаш не сум срамела да се извинам кога ќе погрешам, бидејќи сметам дека е доблесно и човечки, особено кога станува збор за сензитивни информации, кои во случајов се покажаа како неточни, објавува на својот Фејсбук профил новинарката Мери Јордановска. -Имено, на 16 декември на мојот Фејсбук профил објавив дека претендентот за директор на ЗОО Скопје, Стефан Кирков во 2018 година бил осуден на условна казна за измама, но и дека одлежал казна затвор од 3 месеци во Идризово поради неплатена парична казна за друго дело. Втората информација (во однос на затворската казна) според податоците што подоцна ги добив од Кривичниот суд Скопје и по средбата што ја имав со Кирков, се испостави дека е неточна и дека документот, односно отпусниот лист што кружеше на социјалните мрежи е всушност фалсификуван, што може да се види и од фотографијата што ја приложувам. Бројката на предметот покажува дека станува збор за сосема друго лице, а не за Кирков. Секогаш по 10 пати ги проверувам сите информации што ги добивам и располагам, но во случајов направив грешка и се извинувам за тоа – поверував во документ кој кружи на социјалните мрежи. Памет за другпат – во денешно време секој може да фалсификува документ/фотографија/видео доколку сака да дискредитира некого и затоа треба исклучително да внимаваме што постираме, но и кому веруваме. Стојам на тоа дека јавните функционери или лицата кои претендираат да бидат на јавни функции се предмет на јавен интерес и треба да бидат, но само преку проверени информации и документи. Затоа и сметам дека ми е должност да објавам кога ќе се направи грешка, како во случајов, стои во обајавата.