Во пресрет на Новата година, ВМРО-ДПМНЕ упатува искрени честитки до сите граѓани на Република Македонија, со порака на заедништво, стабилност и одговорност кон иднината на државата, се вели во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ. „Новата година ја дочекуваме во време на сериозни општествени, економски и национални предизвици. Свесни сме дека секојдневието за многу семејства не е лесно и дека од политиката се очекува не збор, туку резултат. Токму затоа нашата заложба е јасна – работиме и ќе продолжиме да работиме за секој поединец, за секое семејство и за секој дел од Македонија. Нема да дозволиме разочарувања, ниту изневерување на довербата на граѓаните. Ова за нас не е обична политичка борба. Ова е борба на принципите против непринципиелноста. Борба на градењето темели наспроти рушењето. Борба за заштита на националните интереси наспроти нивното разградување. Веруваме дека државата се гради со одговорност, со јасна визија и со почит кон сопствениот народ, а не со импровизации и краткорочни калкулации. Заедништвото е нашата најголема сила. Само обединети, со заемна почит и солидарност, можеме да изградиме стабилна, сигурна и праведна држава – држава што ќе го вреднува трудот, ќе го почитува достоинството на човекот и ќе создава еднакви можности за сите. Македонија има потенцијал, има луѓе, има знаење и има сила да оди напред. ВМРО-ДПМНЕ останува цврсто посветена на одговорно управување, на економски развој, на социјална сигурност и на создавање услови за подобар животен стандард. Нашата обврска е да градиме темели што ќе бидат цврсти и трајни, темели врз кои ќе се гради иднината на младите генерации. Во Новата година влегуваме со вера во сопствените сили, со почит кон минатото и со јасна визија за иднината. Веруваме дека со чесна работа, со принципи и со заедништво, Македонија може и мора да биде подобро место за живеење. Ви посакуваме Новата година да ви донесе здравје, мир, семејна топлина и повеќе сигурност во секој дом. Нека биде година на стабилност, сплотеност и напредок за нашата татковина“, се наведува во честитката. Среќна Нова година! ВМРО-ДПМНЕ