Гаши со Новогодишна порака до граѓаните

Претседателот на Собранието на Република Македонија, Африм Гаши упати честитка до сограѓаните. „Во пресрет на Новата година, ви се обраќам со длабока почит и со високо чувство на одговорност. Годината што завршува беше година на посветена работа и чекори што оставија трага. Собранието забележа видливи напредоци во транспарентноста, дигитализацијата и зајакнувањето на надзорната функција. Отворивме повеќе врати за граѓаните, идеите и дијалогот. Институцијата ја направивме поинклузивна, подостапна и подоверлива. Преку парламентарната дипломатија изградивме мостови на соработка и пријателство, претставувајќи ја нашата земја со достоинство и визија. Но пред сè, оваа година нè потсети на една суштинска вистина: дека одржливиот напредок не произлегува само од процеси и реформи, туку од единството, зрелоста за градење консензус и меѓусебната доверба. Само кога стоиме заедно, со почит и волја да ги споиме разликите, како и со одговорност кон нашиот заеднички дом, можеме да изградиме поправедна и посветла иднина за сите нас“, се наведува во честитката.