„Дизни“ се согласи да плати 10 милиони долари за случајот со собирање податоци за деца на „Јутјуб“

Продукциската куќа „Дизни“ се согласи да плати 10 милиони долари за решавање на случајот за непрописно управување со податоци за деца на „Јутјуб“, соопшти Министерството за правда на САД. Видеата на Дизни се меѓу најпопуларните на „Јутјуб“, со милијарди прегледи само во САД. Според официјалното соопштeние, Федералниот суд одобрил договорен налог за решавање на случајот против „Дизни ворлдвајд сервисис“ и „Дизни ентертејнмент оперејшнс“. Според спогодбата, „Дизни“ ќе плати 10 милиони долари граѓански казни по решението за обвинувањата од Федералната трговска комисија дека компанијата го прекршила Законот за заштита на приватноста на децата на интернет во врска со видеосодржините на „Јутјуб“. Законот, имено, им забранува на интернет-платформите да собираат, користат или откриваат лични информации од деца под 13 години без известување и согласност од родителите. Во жалбата на Владата се тврди дека „Дизни“ не ја означил правилно својата содржина како насочена кон деца, што довело до насочено рекламирање и незаконско собирање податоци за деца. Заменик-генералниот обвинител Брет Шумејт рече дека влатите се „цврсто посветени“ на обезбедување родителите да имаат право на глас во тоа како се користат податоците за нивните деца. - Одделот ќе преземе брзи мерки за искоренување на секое незаконско кршење на правата на родителите за да ја заштити приватноста на нивните деца, изјави Шумејт. Освен финансиската казна, судската одлука забранува „Дизни“ да работи на „Јутјуб“ спротивно на Законот и од компанијата се бара да воспостави програма за усогласеност, со џел да обезбеди почитување на заштитата на приватноста на децата во иднина.  (МИА)