На последниот ден од годината, редно е да се направи еден своевиден рекапитулар на она што ни се случуваше во земјава во изминатите 12 месеци. Оваа измината 2025 година беше година на бројни предизвици, на состојби убави, но и исклучително лоши, а се потврди едно нешто, дека во општеството нема битка на политичка основа, на етничка или верска, туку дека народот е поделен помеѓу оние кои сакаат ред и поредок, функционална држава, и оние кои сакаат хаос, раздор и ловење во матно. Најнегативното во 2025 година, дефинитивно, беше трагедијата во дискотеката ПУЛС во Кочани. Истата беше само потврда дека еден куп ликови инсталирани во системот, без оглед на политиката и идеологијата, ја наоѓаат онаа форма на злосторничко здружување и злоупотреби во системот, секако за материјална корист. Таквите пропусти, инсталирани во системот низ годините, предизвикаат да згаснат предвреме еден куп млади животи, а уште повеќе да бидат повредени и со трауми. Жално, но вистинито. Одговорност треба, и мора да има. Но, ќе мора очигледно да се направат и ревизии за еден куп други случаи, кои низ годините некоја сакаше да ги забошоти. Поминаа повеќе од 10 години од максимата „Нема правда, нема мир!“. По промената на власта во 2017 ни правда не видовме, а се смирија многумина, а народот остана разочаран. Плус му ја силуваа и преименуваат државата, и направија подривање на идентитетот. Ајде сега малку за работата на Владата и институциите на системот. Според мене, повеќето би добиле преодни оценки. Не велам дека е сјајно, но дека дефинитивно има померување, санирање на штетите, напредок, кадровско освежување, тоа е повеќе од очигледно. Гледаме дека во многу ресори се спроведуваат силни реформи и инвестиции, и дека е од исклучителна важност кој раководи со истите и со какви кадри се опкружува. Министерството за транспорт силно гази напред, и сметам дека севкупните плодови ќе почнеме да ги чувствуваме до крајот на мандатот на овој состав на собранието, земајќи во предвид дека до тогаш ќе бидат години половина од автопатските делници делници, дека ќе стартува градскиот воз, но и дека ќе бидат готови еден куп експресни, регионални и магистрални патни правци, но и дека во општините ќе се реализираат голем број инфраструктурни проекти кои го засегаат обичниот човек на дневна основа. Образованието спроведува сериозни реформи и во она што се вика наставна програма во основното образование, прилагодување на средношколските и универзитетски програми според потребите на пазарот на труд, но и начинот на изведување на наставата пред се кај основците, со целодневен пристап и едносменско работење. Уште е побитен контролниот механизам, правилна селекција, и секако ревизијата и нострификација на дипломи и звања. Вака веќе не оди, ред мора да има. Здравството како сегмент долги години беше жртва на лоши кадровски решенија и министерски киксови и терање инает да не се продолжи со се што е добро од претходниците. Потребно е зајакнување на примарното здравство, секундарното сериозно да си ги преземе обврските и должностите, пред се во помалите градови, и да се појача кадровски и технички, за да терцијалното во Клиничките болници можат да се посветат на работа со потешките случаи. Неодржлив е системот каде дури и за баналности се оди во „Државна“. Внатрешни со Сејф сити направи огромни поместувања, и ги размрда нештата. Многумина негодуваат, но факт е дека во голема мерка се стабилизираа состојбите на патиштата. Ретко кој гази на гас ко луд, низ град. Засилена е работата на терен, но треба уште повеќе, и да народот превентивно ја гледа униформираната полиција низ град, и во оние средини за кои се вели дека се набезбедни. Во сферата на културата гледаме дека инфраструктурно повторно силно се вложува, дека се довршуваат заборавените проекти, и дека во агендата е се она што беше планирано, да следнава, или годината по неа почне со реализација. Задоволен сум што многу повеќе се обрнува внимание во сферата на заштитата, и што токму оваа година се даде можност на многу стручни и млади кадри се ангажираат и вработат. Имањето стотина национални и локални установи по свое не е лесно, како и менаџирањето на истите, па искрено се надевам дека сите оние недоследности и нефункционалности ќе се решат кај дел од истите. Времето покажа дека не е битна определбата, поддршката или пак дури и стручноста, туку дали се има менаџерски потенцијал институциите да креираат додадена вредност, па дури и да заработуваат и да бидат моторот на културниот туризам, но и едукација на младите и севкупната популација. Културата одамна во светот е и бизнис, само кај нас се третира како социјална и непрофитна категорија. Значајно е тоа што се прави во сферата на енергетиката. Во овој ресор, исто како и во транспортот, плодовите ќе се берат за неколку години. Тоа кое се прави, верувам дека ќе не осамостои и зајакне енергетски. Дај Боже да се реализираат и Чебрен и Галиште, па дури и Бошков мост и Луково поле, а зошто не и цел проект Вардарска долина. Плус да се гасифицира и РЕК Битола, и ТЕЦ Осломеј, и ТЕЦ Неготино. Со ова ќе бидеме држава лидер во регионот. Народот ќе добива мали сметки за се, а енергија ќе извезуваме, не да увезуваме. Без земјоделие не се може. Формата со субвенции на овој начин е неодржлива. Според мене треба државата да субвенционира дебело, ако не и целосно, во нова механизација, квалитетен семенски материјал и системи за наводнување, и да го регулира и организира, секако гарантира откупот на секоја култура, а потоа таа биде онаа која ќе се договара со прекупците и накупците. Тогаш ќе нема потреба од субвенции од овој тип како досега. Може и да ги стимулира оние кои ќе решат да се занимаваат со земјоделие или сточарство, околу придонесите и стажот, како и можноста за градба на сопствен дом каде државата би била гарант пред банките за кредитирање. Севкупно може да се каже дека има позитивно поместување. Сигурен сум дека и многумина не се задоволни. Нај несреќни се тие на кои им се поткастрија крилцата во криминал и злоупотреби, и сите оние кои цицаа паразитски од државата, не давајќи ништо за возврат. Претпоставувам се незадоволни и оние кои имаа големи очекувања, но факт е дека промени преку ноќ не доаѓаат. Исклучително битно е да се има зацртан правец и насока, а резултатите ќе дојдат. Исклучително битно е попатно да се отстранува плевелот, поточно оние кои прават штета и злоупотреби, и истите да бидат законски санкционирани. Само така ќе има напредок. Се друго е импровизација и фолирање. Во новата 2026 на сите ви посакувам пред се здравје и душевен мир, за успехот и напредокот изборете се сами, но чесно и со работа и вложување во себе. На Македонија и посакувам да биде средена, чиста, здрава, со среќен народ, кој хармонично живее во слога и разбирање, со пристојни примања и квалитет на живот. Александар Ристевски