Украина ја има најголемата војска во Европа: Што ќе се случи со неа кога ќе заврши војната?

Украина ја има најголемата војска во Европа: Што ќе се случи со неа кога ќе заврши војната? Александра Спасеска 31.12.2025 / 12:44 Свет Кога војната со Русија конечно ќе заврши, Украина ќе има војска поголема и поискусна од онаа на која било европска земја што ја поддржуваше во текот на целиот конфликт. Прашањето дали таквата војска ќе може долгорочно да се спротивстави на руските планови во рамките на било каков мировен договор е клучно за целиот континент, кој сега ја гледа Украина како ѕид против амбициите на Москва. Финансиски и човечки предизвици Наоѓањето средства и човечки ресурси за одржување на војска од 800.000 војници и огромна количина опрема, додека истовремено се развиваат и нови капацитети, ќе биде еден од најтешките задачи за украинската влада по војната, пишува Wall Street Journal . За да се спречи претстојната ликвидациска криза во Киев и да му се овозможи на украинското воено раководство да ја продолжи борбата, лидерите на Европската унија неодамна одобрија заем од 90 милијарди евра. Но, долгорочното финансирање останува огромен предизвик. Украина моментално троши околу 30% од својот БДП на одбрана, додека Русија издвојува 7,3%. За споредба, вкупната помош од Европа, САД и другите сојузници за украинската војска и јавните служби изнесува околу 350 милијарди долари, според податоците на Килскиот институт за светска економија. Бидејќи Соединетите Држави веќе го стопираа финансирањето, неизвесно е дали европските земји ќе бидат подготвени великодушно да ја финансираат Украина по завршувањето на војната. Претседателот Володимир Зеленски инсистира да се задржат 800.000 активни војници, отфрлајќи ги руските барања тој број да се ограничи на 600.000. Иако европските лидери се согласија со таа бројка и ветија дека ќе ја финансираат, аналитичарите предупредуваат дека тоа е неизводливо. Толку голема војска не само што е скапа, туку би извлекла 800.000 луѓе од економијата во земја што веќе се соочува со демографски пад. „Украина треба да се насочи кон бројка од 300.000 до 500.000 војници, а остатокот да се одржува како резерва,“ смета Микола Бјелјесков, истражувач од украинскиот Национален институт за стратешки студии, потсетувајќи дека војската пред инвазијата броела помалку од 300.000 припадници, што се покажало како недоволно. Веќе е видлив пресврт кој ја навестува иднината на украинската војска Експертите се согласуваат дека идната украинска војска ќе мора да се потпира на поефикасни и поевтини решенија. „Украинската војска ќе мора да се темели на способности што се поисплатливи, како беспилотни летала, мини и мобилизација заснована на резервисти,“ изјави Мајкл Кофман, воен експерт од Carnegie Endowment for International Peace. „Големите и скапи елементи, како авионите, можат лесно да потрошат голем дел од буџетот за одбрана,“ додаде тој. Овој пресврт кон технологијата веќе е видлив. Министерството за одбрана во март најави планови за зголемување на употребата на беспилотни копнени возила – како дронови за евакуација – во 80% од механизираните бригади. „Идните вооружени сили на Украина треба да се градат врз еден основен принцип: не треба да се борат луѓе, туку дронови,“ изјави Халина Јанченко, пратеничка која ја предводи парламентарната работна група за инвестирање во одбраната. Поранешниот министер за одбрана Андриј Загородњук се согласува со ова, тврдејќи дека проширувањето на употребата на дронови и ракети постепено ќе ги замени луѓето на бојното поле. Во такво сценарио, Украина веројатно нема да акумулира скапи тенкови, а Киев изгледа веќе се откажал од претходниот план за производство на 200 германски тенкови Panther. За да ја намали зависноста од странски добавувачи, Украина сака да стане самостојна во производство на оружје. Владата во октомври објави дека над 40% од оружјето на бојното поле е домашно производство, со цел тој удел да се зголеми на половина до крајот на оваа година (2025). Противвоздушна одбрана или скапи борбени авиони? Речиси сите украински офицери и надворешни аналитичари се согласуваат дека противвоздушната одбрана и ракетите со долг дострел треба да бидат главен приоритет. „Ако треба да издвојам едно подрачје, веројатно би се фокусирал на противвоздушната одбрана, затоа што сите гледаме што се случува во моментов со непријателските удари длабоко во нашата земја,“ изјави потполковник Сергиј Костишин, заменик-командант на 72-та бригада. Министерството за одбрана планира да постави најмалку 29 дополнителни радарски станици за создавање единствена мрежа за противракетна одбрана. Сепак, најголемата дебата се води околу борбените авиони. Зеленски неодамна потпиша меморандуми за разбирање со Шведска и Франција за набавка на до 250 борбени авиони Gripen и Rafale. Со тоа, заедно со постоечката флота, Украина би имала воздушни сили со големина колку британските и француските заедно. Сепак, борбените авиони се исклучително скапи за набавка и одржување. На пример, Колумбија неодамна најави дека ќе потроши 3,6 милијарди долари за само 17 Gripen авиони. И покрај тоа, Загородњук, кој сега е претседател на тинк-тенкот Украински центар за одбранбени стратегии, предупредува дека авионите не треба целосно да се отфрлат. „Ако ги немате, ризикувате непријателот да го преземе небото и да воспостави периоди на воздушна надмоќ,“ истакна тој. војна Украина Автор/Извор А.С. Прикажи во метро On