Томовски во посета на колегите од Возниот парк: Благодарност до оние кои тивко, но посветено, се грижат за нашата безбедност

Директорот на СОЗР, Ивица Томовски денеска со вработените од возниот парк си ги честитаа празниците посакувајќи си искрени добри желби за новата 2026 година. -Денес, по традиција, ги посетив колегите од Возен парк и заедно си ги честитавме Новата година и Божиќните празници. Искрена благодарност до сите оние кои тивко, но посветено, се грижат за нашата безбедност, објави Томовски. Инаку Томовски информира и дека 2025 година била година на работа, ред и резултати. -Во СОЗР работевме посветено, транспарентно и одговорно, водејќи се од законитост и домаќинско управување со државниот имот – во интерес на граѓаните и државата. Воведовме ред таму каде што го немаше, особено во Секторот за угостителство, каде што резултатите се јасни – приходите се зголемени за 500%, со воспоставен систем без привилегии и со еднакви правила за сите. По седум години запуштеност, повторно го заживеавме „Македонско село“, отворајќи нови можности за работа и развој на туризмот. Комплетно го реновиравме и Клубот на пратеници, кој денес е современ и достоинствен простор за државни и дипломатски настани. Со унифицирањето на регистарските таблици на службените возила направивме конкретен чекор кон поголема отчетност и намалување на злоупотребите, а во тек е и постапката за расходување на 104 неупотребливи возила, со цел обновување на возниот парк со функционални и потребни ресурси, истакнува директорот на СОЗР. За следната година најавува дека продолжуваат со истото темпо – транспарентно, отчетно и домаќински, со фокус на резултати што оставаат трајна вредност за граѓаните и државата.