Првото бебе во 2026 во државава е девојче - Евгенија, родено на полноќ на Клиниката за гинекологија и акушерство (ГАК). Родена е со царски рез, тешка е 2,8 килограми и долга 48 сантимери и е трето дете во семејството Камчеви. Мајката е 38-гидишната Емилија Камчева. На полноќ се родени и две близначки во Гинекологија Чаир. Мајката и бебето на ГАК денеска ги посетија министрите за здравство и за социјална политика, Азир Алиу и Фатмир Лимани, заменикот за здравство Јовица Андовски, градоначалникот на Скопје Орце Ѓорѓиевски, директорот на ФЗОМ Сашо Клековски и сопругата на премиерот, Рози Мицковска. Директорката на ГАК Ирена Алексиоска-Папестиев изјави дека Евгенија е симбол на плодност, а тоа што е трето дете во семејството е стимул за многу семејства. - Затоа што домот исполнет со многу дечиња е најсветол, најтопол и највесел дом. Им благодарам на фамилијата Камчеви што се пример и се надевам ќе охрабрат многу семејства во нашата држава да имаат многудетно семејство, рече директорката. Кажа дека на ГАК ќе продолжи подобрувањето на условите и ја радува што по обновата на Школата за психосоцијална подготовка на пациентките има скок во породувањето од 170 новороденчиња. -Не е многу но по неколку години повторно надминавме 4000 и минатата година имавме 4043 раѓања во најголемото родилште во земјава и се надевам трендот ќе го има и во другите родилишта, рече Алексиоска-Папестиев. Министрите Алиу и Лимани кажаа дека има и уште две девојчиња близначки родени на полноќ во Гинекологија Чаир и оти девојчињата значат благослов. -Оваа година ќе биде благословена, ние како Министерство за здравство ќе инвестираме во инфраструктура и достоинствени капацитети за секое новороденче во нашата држава. Посакувам новороденчињата да имаат здрав живот и да живеат во благосостојба, рече Алиу. Лимани додаде дека новороденчињата се симбол на почеток и надеж за нашата држава и им честиташе на семејствата со желби децата да растат во љубов и здравје. -Секое ниво раѓање е богатство за нашето општество и силна мотивација да создадеме подобри услови за децата и семејствата, наша е обврската да им дадеме услови за градинки, училишта и вработување, рече Лимани. Градоначалникот на Скопје Орце Ѓорѓиевски рече дека 2026 ќе биде плодна и бериќетна зашто девојчињата се симбол на напредок. Посочи дека покрај подароци за бебето на ГАК, ќе ги посетат и ќе ги даруваат и првородените две девојчиња во родилиштето во Чаир и дека првпат оваа година подароци од Град Скопје ќе има и за сите новороденчиња што, рече, не било случај во минатото. -Исто така ќе се потрудиме да ја зголемиме традиционалната поддршка од Град Скопје за да ги стимулираме семејствата да имаат што повеќе дечиња, што е и во согласност со политиките на Владата, а и за државата тоа и е потребно и Град Скопје секогаш ќе биде потпора, истакна Ѓорѓиевски. Во оваа пригода тој соопшти дека Град Скопје до втората половина на 2026 ќе почне да ја гради првата катна гаража во Клинички центар за да се реши проблемот со паркирањето. -Реално ќе го реши проблемот за вработените и за сите наши сограѓани кои овде доаѓаат за потреба. До крајот на мојот мандат планираме две катни гаражи, но првата катна гаража ќе почнеме да ја градиме до втората половина на оваа календарска година, изјави градоначалникот.