Бомба од Шпанија: Серхио Рамос ја купува Севиља Филип Здравески 02.01.2026 / 08:59 Фудбал Легендарниот шпански фудбалер Серхио Рамос наскоро би можел да стане сопственик на Севиља, клубот каде што ја започна својата играчка кариера. Како што објави шпанскиот дневен весник AS, Рамос веќе испратил понуда од повеќе милиони евра до сегашното раководство на Севиља, кое со месеци бара нови сопственици. Сега и Рамос е вклучен во преговорите, предводејќи група инвеститори кои имаат намера да го преземат управувањето со клубот од стадионот „Рамон Санчес Писхуан“. Откако ја напушти Севиља за Реал Мадрид, Рамос не беше во најдобри односи со навивачите на клубот, кои често непријателски го поздравуваа кога играше на гостински терен со Кралскиот клуб, но односите се подобрија пред година и пол, кога Рамос повторно го облече дресот на тимот од Андалусија. Неодамна, американски конзорциум предводен од Антонио Лапи и Феде Кинтеро беше блиску до преземање на Севиља, но по кратко размислување, ја намалија својата понуда од 3.400 евра по акција на 2.700 евра, и зделката пропадна. Рамос, заедно со други инвеститори, ја даде највисоката понуда од сите заинтересирани страни досега и веќе се смета за водечка фигура во овој проект. BREAKING: Sergio Ramos with an investment group has made a HUGE offer to BUY Sevilla Football Club. @carrusel pic.twitter.com/DNX0dp3f1r — Madrid Zone (@theMadridZone) January 1, 2026 Некои шпански медиуми, како што е радиото Cadena Ser, шпекулираат дека 39-годишниот Рамос би можел да биде сопственик-играч во Севиља, бидејќи никогаш не ја заврши својата играчка кариера. Неговиот последен ангажман беше во мексиканскиот Монтереј, кој го напушти вчера, а претходно играше и за Реал Мадрид, ПСЖ и Севиља, за кои имаше вкупно 87 настапи, и нема сомнение дека би било многу интересно да го видиме сега во улога на сопственик на клубот. Севиља долго време беше при врвот во шпанскиот фудбал, но и во Европа. Од 2006 до 2023 година дури 7 пати ја освои Лига Европа, еднаш Суперкупот на УЕФА, двапати Копа дел Реј, а убавиот период го заокружи со триумф на првото издание на новоформираниот УЕФА-КОНМЕБОЛ клуб челинџ натпревар меѓу победниците на Лига Европа и Копа Судамерикана. Оттогаш следуваше пад и борба за опстанок во ла Лига. Лани Севиља заврши 17-та, само бод над зоната за испаѓање. Серхио Рамос Севиља Автор/Извор Ф.З. Прикажи во метро On