Утрово во Македонија се измерени многу ниски минимални температури, при што најстудено беше во Берово со -13 степени. Во Скопје-Петровец и Струмица се измерени -11, во Битола -10, а во Скопје-Зајчев Рид, Куманово, Велес, Крива Паланка, Тетово, Прилеп и Гевгелија температурата се спушти до -9 степени. Во Штип, Демир Капија и Кавадарци утрово се измерени -8 степени, -7 во Охрид, -6 во Попова Шапка, -5 во Претор, Виница и Kрушево, како и -4 во Mаврови Анови. Во текот на денот, како што соопшти УХМР, времето ќе биде променливо облачно и студено, со повремени сончеви периоди. Попладне, претежно во западните делови, се очекува појава на повремен локален дожд, додека на планините и на повисоките места врнежите ќе бидат од снег. Ќе дува умерен, а на места и засилен ветер од јужен правец. Максималните дневни температури ќе се движат од 2 до 6 степени. Во Скопје времето ќе биде променливо облачно и студено, со умерен јужен ветер, а максималната температура ќе достигне околу 3 степени.