Градоначалничката на Општина Кисела Вода, Бети Стаменкоска Трајкоска, денеска посети повеќе социјално загрозени семејства на територијата на општината и им подели пакети со прехранбени продукти и средства за лична хигиена. Во рамки на посетата, децата од овие семејства добија и новогодишни пакетчиња. При посетите, таа истакна дека овие семејства секогаш можат да сметаат на поддршка од Општина Кисела Вода, како и од неа лично како градоначалник, нагласувајќи дека грижата за најранливите категории граѓани не е само институционална обврска, туку и искрена човечка заложба и вредност во работењето на локалната самоуправа. Во таа насока, посочи дека ваквите активности ќе продолжат и во текот на годината, со цел поддршката да стигне до секој граѓанин кому му е најпотребна. Симболично, настанот се одвиваше на празникот Св. Игнат, празник за кој се верува дека каков ќе биде денот, таква ќе биде и целата година, па токму затоа овој ден беше посветен на хуманост и дарување. -Цела година да си помагаме! Нема поубав начин да се започне годината од тоа да се подаде рака на некој кому му е најпотребно. Денес е Св. Игнат, а старите велат: “Каков ќе ти биде денот денес, таква ќе ти биде и целата година”. Водени од таа мисла, денес со мојот тим одлучивме денот да го поминеме во дарување. Поделивме пакети на семејства каде што помошта е навистина добредојдена. Ако денот се познава по утрото, а годината по денешниот празник, тогаш нека оваа година ни биде исполнета со хуманост, солидарност и полни срца, изјави градоначалничката Бети Стаменкоска Трајкоска.