Пораст на водостојот на Вардар и неколку реки, езерата со стабилно ниво

Зголемено ниво на водата денеска е забележано кај реката Вардар на мерните места кај Јегуновце, Велес и Демир Капија. Пораст на водостојот е евидентиран и кај реката Црн Дрим кај Ложани, Пчиња кај Катлановска Бања, како и на реката Струмица кај Сушево, информира Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР). Сепак, не сите реки бележат позитивен тренд. Реката Треска кај Македонски Брод, Крива река кај Крива Паланка, Брегалница кај Штип и Црна река кај Новаци покажуваат намалување на нивото под просекот за јануари. Според податоците од УХМР, нивото на водата во Дојранското, Преспанското и Охридското Езеро е стабилно и во рамките на просечните вредности за месец јануари.