Јас сум универзитетски професор и логично е дека образованието ќе биде еден од врвните приоритети, порача денес премиерот Христијан Мицкоски. -Ценам дека без квалитетно образование и без квалитетна наука, не можеме како нација да јакнеме ниту како држава да јакнеме. И во име на тоа ги зголемуваме средствата кои се за поддршка на научно-истражувачките проекти. Ако започнавме со една состојба од 340 милиони денари во 2023-тата, веќе 2024 и 2025 се доближивме до ставката 680 милиони денари, веќе сега за 2026 имаме преку 770 милиони денари токму за ова. Дали е доволно? Не е. Дали треба повеќе? Треба. Но е многу повеќе од тоа што како состојба го затекнавме. Очекувам во годините кои што следат и со измените во Законот за високо образование во кој моите колеги кои ќе сакаат да градат академска кариера, ќе треба малку повеќе да пишуваат научно-истражувачки трудови кои што ќе бидат објавувани во списанија со фактор на влијание и кои ќе бидат дел од базата на Томсон Ројтерс, рече тој. Премиерот посочи дека е направена анализа која води кон тоа дека ако сакаме да имаме универзитет кој што ќе биде во првите 1000 на Шангајската листа, како држава мораме меѓу 8 и 10 пати да го зголемиме бројот на вака објавени научни трудови. -Мислам дека со последните зголемувања, прилично се достоинствени примањата на професорите, доцентите и асистентите и мислам дека сега треба да се свртиме кон науката и за тоа за кое што е основната дејност на еден професор, а покрај образовната тој има и научна дејност, односно обврска да твори, посочи Мицкоски. Се надева дека ќе се радуваме дека ќе имаме барем еден универзитет во првите 1000 на Шангајската листа.