Министерството за правда предлага нов закон за граѓанските организации Александра Спасеска 03.01.2026 / 12:02 Македонија Министерството за правда на Република Северна Македонија изработи ново законско решение со кое се унапредува правната рамка за работа на здруженијата, фондациите и другите граѓански организации. Како што стои во соопштението на Министерството, целта е усогласување со највисоките европски стандарди и зајакнување на улогата на граѓанскиот сектор во општественото и институционалното одлучување. Предложениот закон опфаќа повеќе мерки насочени кон транспарентност, отчетност и поголема вклученост на организациите во процесите на креирање јавни политики. Меѓу клучните новини се уредување на државната поддршка, воведување прецизни правила за непрофитност, поттикнување финансиска самоодржливост и создавање законска основа за кофинансирање на европски и меѓународни проекти. Со новиот пристап ќе се воведат стандардизирани правила за финансиска поддршка, ќе се донесат подзаконски акти за државно финансирање и ќе се утврди ново сфаќање на јавниот интерес според областите на делување. Законот, исто така, предвидува и правно уредување на Советот за соработка меѓу Владата и граѓанското општество. Од Министерството наведуваат дека ова законско решение претставува значаен чекор кон создавање посилно, поодржливо и поактивно граѓанско општество во земјата. Повеќе информации се достапни на официјалната страница на ЕНЕР: ener.gov.mk . Министерство за правда НВО Автор/Извор А.С. Прикажи во метро On