Една милијарда Android телефони во опасност - дали вашиот е еден од нив? Александра Спасеска 03.01.2026 / 13:04 Вести Речиси една милијарда Android телефони низ целиот свет се изложени на зголемен ризик од сајбер напади бидејќи повеќе не можат да добиваат безбедносни ажурирања. Според податоците од аналитичката компанија StatCounter, повеќе од 30 проценти од Android корисниците сè уште користат уреди со верзија Android13 или постара, објавува BFM. Иако Google продолжува да обезбедува безбедносни ажурирања за Android13, поддршката за постарите верзии е прекината - на пример, Android12 му снема безбедносни ажурирања во април минатата година. Експертите предупредуваат дека телефоните што повеќе не добиваат ажурирања стануваат „лесни мети за хакери“ бидејќи не содржат ажурирања за познати безбедносни недостатоци. Најновото безбедносно ажурирање за Android, според достапните податоци, поправа повеќе од 100 слабости, што укажува на обемот на потенцијалните закани. Иако постојат финансиски и еколошки придобивки од подолго користење на уредите, постарите телефони претставуваат поголем ризик за личните податоци, вклучувајќи лозинки и чувствителни информации. Во извештајот на Zimperium се наведува дека повеќе од половина од паметните телефони што се користат - и Android и iOS - работат на застарени верзии на оперативниот систем и затоа се ранливи на сајбер напади. Производителите ги продолжија периодите за поддршка на софтверот во последниве години, при што Google и Samsung нудат до седум години големи и безбедносни ажурирања, додека Apple продолжува да обезбедува безбедносни ажурирања за модели како iPhone XS, XS Max и XR претставени во 2018 година, иако не објавува официјални датуми на поддршка. Експертите советуваат корисниците да размислат за замена на уредот ако нивниот телефон повеќе не добива безбедносни ажурирања, дури и ако продолжува да функционира без очигледни проблеми. Android Автор/Извор А.С. Прикажи во метро On