Во хотелска соба во Доха, на 12.000 километри од Каракас, се чини дека е скроена иднината на Венецуела без нејзиниот долгогодишен претседател, Николас Мадуро. Додека американскиот претседател Доналд Трамп подготвуваше воена сила за да изврши притисок врз венецуелскиот лидер, висок член на кралското семејство на Обединетите Арапски Емирати ја играше улогата на таен посредник во преговорите. Сепак, Мадуро не учествуваше во овие разговори, туку неговата потпретседателка Делси Родригез и нејзиниот брат Хорхе, што ги поттикна сомнежите дека соборувањето на Мадуро всушност е внатрешен договор, пишува британскиот „ Телеграф “. Според изворите на весникот, самата Родригез се обратила до Вашингтон, претставувајќи се како „поприфатлива“ алтернатива на режимот на Мадуро, нудејќи еден вид „мадуризам без Мадуро“. Денес, со одобрение на Доналд Трамп, таа владее со Венецуела. Сомневањата за предавство ги потврди и Франциско Сантос Калдерон, поранешниот потпретседател на Колумбија, кој рече дека е „апсолутно сигурен“ дека Родригез го предала Мадуро и им дозволила на САД да го уапсат без значителен отпор. „Тие не го отстранија, туку го предадоа. Апсолутно сум сигурен дека Делси Родригез го предаде. Сите информации што ги имаме, почнувате да ги составувате и да велите: „О, ова беше операција во која го предадоа““, рече Сантос, поранешен колумбиски амбасадор во САД. „Очигледно, тие мора да ја постават сцената. Претседателот Трамп вели дека Делси ќе биде таа што ќе ја води транзицијата, па затоа Делси ќе биде таа што ќе ја води транзицијата. Таа е многу јасна во врска со улогата што ќе ја игра и ќе се обиде да добие одредена независност.“ Делси Родригез, (56), адвокатка со силни врски со нафтената индустрија, изгледа како идеален кандидат за соработка со САД. Таа е потпретседателка од 2018 година, откако влезе во владата кратко време по изборот на Уго Чавез во 1999 година, постепено искачувајќи се по скалите на моќта. Таа беше министерка за надворешни работи и претседателка на конститутивното собрание, а како потпретседателка ги презеде и портфолијата за нафта и финансии. На нејзината последна улога, таа успеа да ги задржи своите левичарски ставови, додека „станува лице на релативна економска либерализација“, според Џеф Ремзи, експерт за Латинска Америка во Атлантскиот совет. Овие пазарно ориентирани политики помогнаа Венецуела да излезе од длабока економска криза, добивајќи ја нејзината наклонетост не само кај Мадуро, туку и кај делови од бизнис класата. Нејзиниот татко некогаш водеше комунистичка герилска група, а нејзиниот брат Хорхе, сегашниот претседател на парламентот, формира „моќен дуо“ со неа во рамките на режимот. „И двајцата научија да живеат и да напредуваат под американски притисок и санкции“, вели аналитичарот Педро Гармендија. Во саботата, Доналд Трамп потврди дека САД ќе ја „водат“ Венецуела преку преодна влада предводена од Родригез, додека американските нафтени компании се подготвуваат да се вратат. „Таа е во основа подготвена да го направи она што сметаме дека е потребно за да ја направи Венецуела повторно голема“, рече Трамп, и покрај тоа што Родригез беше под санкции на САД за време на неговата прва администрација за поткопување на демократијата. Сега таа се соочува со огромен предизвик – таа мора да состави коалиција и да избегне да биде перцепирана дома како „американска марионета“. Задачата не ја олесни ниту самиот Трамп, кој откри дека Родригез во разговор со државниот секретар Марко Рубио понудила да направи „што и да ни треба“. Американските претставници предупредија дека нивниот однос со преодната влада ќе зависи од нејзините постапки и дека понатамошна воена акција е можна ако не ги почитува интересите на САД. Според „Мајами Хералд“, преземањето на власта од страна на Родригез, беше една од двете опции што им ги презентираа катарските медијатори на Американците. Втората опција беше пензионираниот генерал Мигел Родригез Торес. Доха беше природен избор за медијација бидејќи Родригез наводно има „значајна врска“ со членовите на катарското кралско семејство и таму крие дел од својот имот, пишува британски „ Телеграф “.