Советот за безбедност на Обединети нации денеска ќе одржи итен состанок поради ескалација на кризата во Венецуела, предизвикана од апсењето на претседателот Николас Мадуро и неговата сопруга од страна на САД и серијата големи напади во Каракас. Состанокот го побара Венецуела, а барањето го поддржаа и две постојани членки на СБ – Русија и Кина. Венецуела на 3 јануари испрати писмо до СБ, во кое формално бара состанок, при тоа Каракас ги обвини САД за спроведување на серија „брутални, неоправдани и еднострани вооружени напади“ врз цивилни и воени цели во земјата. Венецуела исто така, го обвини САД за кршење на Повелбата на ОН. Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш денеска изрази загриженост за можна ескалација на нестабилноста во Венецуела по апсењето на претседателот Николас Мадуро од страна на САД. - Длабоко сум загрижен за можното продлабочување на нестабилноста во земјата, потенцијалното влијание врз регионот и преседанот што би можел да се постави за начин на кој се водат односите меѓу државите, истакна Гутереш. Тој посочи дека е загрижен што американската операција за апсење на Мадуро во Каракас не е во согласност со меѓународното право. - Ги поздравувам и сум подготвен да ги поддржам сите напори насочени кон помагање на Венецуелците да најдат мирно решение, наведе Гутереш.